Сакам да те викнам, онака на сиот глас, и светот да застане…
Сакам да зборувам,
за тебе, за себе…пред луѓе кои не разбираат,
пред сите оние кои не ја знаат желбава,
да ми ги исцедиш вениве,
да ми оставиш само капка крв,
да ја испијам како јако вино,
да ми поминеш низ телово, да ме опиеш,
да не знам за себе кога сум до тебе
Сакам да зборувам,
и сите да ме слушаат…
Како прашина да се залепиш онаму во душата,
кај што чувам договор со демоните
потпишан за вечност,
да не ги ставаат проклетите своите раце врз тебе,
мене да ме поделат,
од тебе да бегаат…
Мене да ме полијат, да ме запалат,
да горам, да сум оган,
за тебе ако ти е ладно, душата да ти ја стоплам
Сакам да те викнам,
онака на сиот глас,
и светот да застане,
универзумот да те разнесе како ехо,
да знаат и оние што не знаат,
да слушнат и оние што не слушнале како звучи убавина,
да видат сите што досега не виделе како изгледа да се поделиш
Јас на тебе,
а ти на мене…
Сакам да зборувам,
и нека ми речат сто пати- Прекини!!! Премолчи!!! Застани!!!
а јас тврдоглаво да се насмевнам,
и да продолжам,
во занес крилја да ти закачам
Мислиш јас сакам да те сакам?!
Мислиш мене убаво ми е?!
Не сакам.
Кој ме прашува мене…
Не сакам…Ама те сакам.
Сакам да зборувам,
за тебе, за себе…на сите кои не разбираат дека ми ги цедиш вениве, како тенки конци ги повлекуваш, како нишка од тука до таму,
од мене до кај што е се твое…
Кој ме прашува мене зошто те сакам…не сакам
ама ете, те сакам…
Тоа е…
Помири се.
Маја Спасовска
Испратете и вие ваш текст на info@ubavo.mk