Таа одлучи да биде искрена и ми кажа дека во неа нешто заиграло за некој друг…
Забава, пријателство и голема љубов цели осум години. Се што човек може да посака, се имавме и се делевме. Топол ручек, среден дом, полна постела и полно срце. Се беше како во сон. Имавме и мали, ситни недоразбирања, но, не од животно значење, онака, секојдневни и банални. Се тоа за мене е нормално, па различни карактери, различни нарави бевме. Не верувам во муабетите дека токму мојата половина треба да е сродна душа буквално со ист карактер како мојов. Тоа е реткост, и за мене глупост. Па ако не се надополнуваме, ако сме сосем исти нема да одиме напред, нема да напредуваме, нема да се подучуваме и советуваме. Но, животот понекогаш знае да се преврти наопаку и без причина, и без најава. Така се случи и со нашиот заеднички живот. Додека цветаа рози се појавиа и трња кои боцкаа, месец дена боцкаа додека да сфатам од каде. Потоа, таа седна и се отворено ми раскажа. “Не оди вака веќе” ми кажа. Готово, знаев дека е готово. Дека се наше пропадна. Дека се што имавме ни се излизга низ прсти. Дека животот сосема поинаков ќе ни стане, дека неа ја чека нешто ново, а и мене нов тежок пат ми следува. Ми призна дека ме изневерила, Таа со тоа направи вечно да ми е пријател, онака, не близок се разбира. Нема никогаш да ја мразам и проколнувам. Можеше да ме прави мајмун, да ми крие и да ни се смее градот. Но, таа одлучи да биде искрена и да каже дека во неа нешто заиграло за некој друг. Не ме изневери физички, но тоа психичкото е поболно и полошо, верувајте. На фин начин се разделивме, и ме боли, но ќе помине. Жал ми е што така одеднаш животот не изненади. Но, среќен сум што пред толку години одбрав искрен човек со чиста душа. Ќе продолжиме на различни патеки да чекориме, ќе се избегнуваме, но нема никогаш да се заборавиме.