Психолог Ангелина Василевска: Облечи си ја “самодовербата” и погледни колку убаво ти стои!
Самодовербата е верување во себе, во своите способности, квалитети и размислувања. Таа е дел од сечиј човечки дух. Самодовербата е неразделно поврзана со чувството за лична вредност, што значи дека колку повеќе веруваме во себе, толку повеќе се вреднуваме себеси. Исто така друга особина која што е тесно поврзана со самодовербата е самопочитта. Тоа значи дека кога имаме самодоверба градиме и самопочит кон себе. Самодовербата се поврзува и со нашите емоции: љубов, успех и среќа. Кога сме полни со самодоверба веруваме дека сме вредни за љубов, дека заслужуваме да бидеме сакани. Успехот исто така е поткрепен со нашата самодоверба. Секојдневно се бориме да постигнеме повеќе, да го извлечеме максимумот од себе со цел да сме поуспешни на секое поле. Среќата исто така се наоѓа во нас самите. Кога имаме самодоверба се чувствуваме среќни, полетни, радосни, му даваме смисла на животот. Секој од нас е различен и располага со различна самодоверба. Самодовербата се манифестира најмногу преку нашите однесувања и преземени акции во нашето секојдневие. Таа е основна човечка мотивација. Не бодри, ни дава храброст да ги пребродиме потешкотиите и да се снајдеме низ лавиринтот наречен живот. Никогаш не е доцна или погрешно да се побара помош од психолог доколку имате проблем со самодовербата. Научете да ја градите самодовербата однатре, за да се манифестира истата однадвор. Самодовербата игра клучна улога во развојот и самореализацијата на секоја индивидуа. Токму затоа верувајте во себе. Блескајте од самодоверба, направете од својот живот успешна приказна. Бидејќи самодовербата ни дава внатрешен мир, позитивност и оптимизам. Верувајте во себе и другите ќе веруваат во вас. Токму затоа како психолог но и како обична индивидуа ви препорачувам да си ја облечете својата “самодоверба” и гордо да ја носите секогаш и секаде со себе, бидејќи таа е најдобриот “аутфит” со кој секогаш ќе бидете “ин”.
Автор: Ангелина Василевска, психолог и образовен асистент за деца со посебни потреби