Многу имаме да си кажеме, а ќутиме…секогаш преќутуваме…
Како би се изнавикала, на цел глас, од корен…
И твоето име ќе го викам, па нека се чудат како во градиве има толку љубов.
Во еден здив ќе ти изнакажам дека не сум тоа што сите мислат, дека Ти ме знаеш најдобро…А ти ќе се насмееш, како да е неважно, ќе речеш:
-Времево е лошо, мислиш ли дека ќе врне?
И срцево ќе се собере како исушен орев во лушпа.
Ќе врне, да. Во душава потоп ќе се направи. И ќе се појави лузна голема како кога Мојсеј ја разделил водата, онаква што само твојот допир може да ја излечи.
Не ме гледај така…
Не е до времето, ние сме лоши.
Секој преќутен збор врзан за грлото, секоја трошка нежност задржана во себе.
А би те викала.
Да се рашири твоето име како низ катедрала, како кога гулабите замавнуваат со своите криља, па хармонија го исполнува празното. Така ми е во срцево, празно кога те нема…
-Не зборувај глупости!
Извини, ме праша дали ќе врне…
Па, така викаат. А и времево е лошо…
Јеби га, ние сме лоши.
Многу имаме да си кажеме, а ќутиме…секогаш преќутуваме…
Маја Спасовска
Испратете и Вие ваш текст на info@ubavo.mk