Книги за убав почеток на работната недела!
Предлог три книги кои ќе го задржат вашето внимание до последната страница…
Девојката што го спаси кралот на Шведска ( Јонас Јонасон) И сиот свет да ве игнорира, не значи дека не можете да го спасите. Урнебесно смешна како и деби-бестселерот на Јонас Јонасон, „Стогодишникот кој скокна низ прозорецот и исчезна“, ова е заводлива книга за среќа, љубов и меѓународни односи…
Стогодишникот кој скокна од прозорецот и исчезна ( Јонас Јонасон) Приказната за Алан Карлсон, ведриот старец кој на својот стоти роденден скокнува низ прозорец, цврсто решен старечкиот дом во Малмкопинг да не биде место на кое ќе го заврши својот век, добива свој заплет кога стариот присвојува еден куфер од еден криминалец. Тоа ќе покрене низа случувања и ќе го доведе во врска со многу интересни ликови. Како се заплеткува оваа случка така се отплеткува животот на Алан Карлсон, кој, како што се покажува, во вистинско време се наоѓал на места на кои се решавала иднината на Европа и на светот: учествувал во војната меѓу Шпанците и Шпанците, вечерал со Труман, ручал со Мао Цетунг, спречил атентат на Черчил… Русите го бркале да им ја открие тајната за атомската бомба, а тој, побегнувајќи од сибирскиот гулаг, преку Северна Кореја стигнал на Бали каде 15 години живеел од американски пари наменети за помош и развој на далекоисточните земји – урнебесна историја на модерниот свет!
Стогодишникот кој скокна низ прозорец и исчезна беше одлично прифатена. Се најде на списокот на најпродавани книги во Шведска веднаш по излегувањето, а голем успех доживеа и во над 30 земји на чии јазици е преведена досега.
Краткиот чудесен живот на Оскар Вао (Џудо Диаз) Добитник на Пулицерова награда за проза. Оскар, гето-бубалица со исклучително големи познавања за маргинализираната стрип, „гејмерска“ и нф-супкултура, но без никаков талент за приоѓање на девојка, го живее животот растргнат меѓу желбата да стане доминиканскиот Толкин и самотната реалност во која единствени пријатели му се оние што сакаат преку него да стигнат до неговата сестра. Иако израснати во Њу Џерси без татко и од строга мајка која нема четврто срце, Оскар и Лола се наследници на една историја коренито и неповратно подриена од страна на лудиот диктатор Трухиљо. Па, сепак, соочени со неизбежната трагедија на сопствените животи, тие пркосно се обидуваат од нив да извлечат убавина и љубов. Долго подготвуван и уште подолго очекуван, Краткиот чудесен живот на Оскар Вао е првиот роман на популарниот, оригинален и критички уважен Џуно Диаз. Искрен и топол, трогателен и комичен, Краткиот чудесен живот на Оскар Вао е книжевен триумф, една од најдобрите книги напишани во текот на последната деценија. Џуно Диаз е современ американски писател со доминиканско потекло, првиот книжевник од оваа островска земја со репутација на голем автор во САД. Истражувајќи ја двојноста на имигрантското искуство преку гласот на еден често присутен наратор со шпанглиски говор и селинџеровска присност, по само еден роман и две збирки раскази, Диаз веќе го има зацементирано својот статус на култен и обожаван автор – и меѓу читателите и меѓу критичарите.