Нови, возбудливи и интересни – предлог книги за убав ден!
Денешниот предлог книги се три супер интересни, нови книги кои вредат да бидат дел од вашата домашна библиотека.
Писатели и љубовници (Лили Кинг) Скршена поради ненадејната смрт на нејзината мајка и уништена по последната љубовна врска, Кејси Пибоди, летото 1997 година, стигнува во Масачусетс без никаков план. Нејзиното поштенско сандаче е преполно со покани за свадби и последни известувања од наплатувачи на долгови. Поранешното чудо од дете за голф, сега работи како келнерка во ресторан на плоштадот Харвард и живее во изнајмена мувлосана соба во која работи на својот роман што го пишува шест години. На 31 година, Кејси сè уште се држи за нешто од кое речиси сите нејзини пријатели се откажале: посветеноста да има креативен живот. Кога во исто време ќе се вљуби во двајца сосем различни мажи, нејзиниот свет се крши на уште поситни парчиња. Кејси се бори да ги исполни нејзините креативни амбиции и да балансира меѓу спротивставените барања на животот и уметноста, на начини што ја туркаат до работ. „Писатели и љубовници“ ја следи Кејси – паметна и ранлива протагонистка – во последните денови од младоста, период кога секој сегмент од нејзиниот живот е во криза. Напишан со хумор, срце и интелигенција, карактеристични за стилот на Лили Кинг, овој исклучителен роман го истражува застрашувачкиот и возбудлив скок помеѓу крајот на една фаза од животот и почетокот на друга.
Семејство (Луиз Џенсен) Лора е скршена по ненадејната смрт на нејзиниот сопруг. Борејќи се да се справи емоционално и финансиски, Лора е благодарна кога локална заедница, „Оук лиф органикс“, ù нудат дом нејзе и на нејзината 17-годишна ќерка Тили. Но, додека Лора и Тили се адаптираат на животот со нивното ново „семејство“, почнуваат да се случуваат опасни работи. Кога еден од заедницата умира под сомнителни околности, Лора сака да замине, но Тили, привлечена од харизматичниот лидер, Алекс, одбива да си оди. Очајно барајќи начин да ја спаси својата ќерка, Лора открива застрашувачка тајна, но Алекс и неговото семејство не се единствените што кријат нешто. Како што Лора копа во нивното минато, така тие копаат во нејзиното и таа ја открива застрашувачката причина поради која ги поканиле неа и Тили и зошто никогаш нема да им дозволат да заминат…
Хамнет (Меги О’ Ферел) Двајца исклучителни луѓе. Љубов која ги спојува. Загуба што им се заканува да ги уништи. Еден летен ден во 1596 година во Стратфорд, единаесетгодишното девојче Џудит одненадеж ќе го кутне силна грозница. Хамнет, нејзиниот брат близнак, е во панична потрага по помош. Но, нема никој дома. Мајката Агнес се наоѓа на имот оддалечен речиси два километри каде одгледува лековити билки и пчели. Таткото работи во Лондон. Ниту еден од нив не насетува дека едното дете ќе им умре. Романот Хамнет е силна приказна за бракот и семејството кои се опустошени од тага и загуба, но и нежен, незаборавен портрет на момче чиј живот е заборавен, а чие име ја носи една од најпознатите драми на сите времиња.