Убави книги и филмови

Нејзините книги ќе го променат вашиот свет!

Сакам значи постојам (Ана Јовковска) САКАМ во себе содржи цел еден друг свет на МОЖАМ! Тоа e оној внатрешен импулс на проактивност за подобрата ЈАС, подобар живот, подобар свет. Се движам по тркалото на животот… Застанувам само пред сопките на љубовта, болката, слободата, емпатијата, родителството, дискриминацијата, егото и интегритетот. Сепак… се движам бунтовно и храбро кон неправдата во светот, сиромаштијата на духот, човековите судбини и човековите права, женската слобода, консумеризмот, технолошкото ропство, културата на шопинг-центри, проституцијата на уметноста, но и проституцијата на духот. И така, качена на велосипедот на животот, го барам ѕвончето со кое ќе свирнам за ПРОМЕНА! Некогаш тивко, некогаш гласно, но секогаш со верба дека овој комплициран свет може да се спаси со добрина и љубов. По трнливиот пат на мудроста, не знам дали успеав да ги „фатам“ состојбите на невралгичните премрежја на нашето време и на нашите души, но се обидов. Она што ми беше неочекувано во целиот процес е што сфатив дека да се биде набљудувач на најчовечкото во себе е уште потешко отколку да се биде набљудувач на времето и светот. САКАМ, ЗНАЧИ ПОСТОЈАМ е духовно патување од и кон себеси. Качи се на тркалото на животот!

Ехо на слободата (Ана Јовковска) Ехото доаѓа длабоко однатре и како ефектот на пеперутката стигнува до другиот крај на светот каде некој непознат човек читајќи ги твоите зборови ќе се препознае во нив. На пеперутката ѝ требаат крилјата за да го постигне ефектот на преносливост но зар човекот ги нема? Крилјата на човекот се неговите мисли и зборови. Можеш да ги рашириш до каде што сака твоето срце и до каде што ти дозволува твојата храброст. На крајот сè се сведува на тоа:
Умееш ли да сонуваш за подобар свет?
Умееш ли да леташ високо над произаичното и медиокритетско секојдневје?
Умееш ли да веруваш во луѓето?
Умееш ли да им го отвориш срцето за тие да ти ги отворат своите најинтимни мисли?
Умееш ли да го отвориш умот за да ги видиш нивните добри страни?
Умееш ли да бидеш активен слушател за да го чуеш ехото на слободата? Слободата е МОЖАМ. Слободата е ЖЕЛБА. Слободата е ЉУБОВ. Интервјуто е повеќе од занает. Тоа е состојба на духот.

Пулсот и времето (Ана Јовковска) Креативно разиграна збирка дијалози на Ана Јовковска, со афирмирани творци и интелектуалци од јавниот и културниот живот во Македонија. Разговори, кои го надминуваат тесното жанровско подрачје на класичното ТВ-интервју и неретко прераснуваат во инвентивно обмислени, стилски разлистани и поттикнувачки есеи, со жив, но и критички ангажиран пристап кон социокултурните феномени на денешницата. Благодарение на нејзината профилираност и темелност, Јовковска доследно ги практикува стандардите на едно компетентно, ама и креативно новинарство, што е вистински предизвик за нашиот медиумски простор. Книгата „Пулсот и времето“ воедно ги синтетизира изразните можности и искуства на повеќе одделни медиуми – телевизијата, книжевноста, фотографијата и видеото.

Поврзани статии

Back to top button