Метаморфоза
Ослободи ја
твојата душа,
потисната и нагмечена во кожурец тесен,
исчисти ја од пајажини,
сошиј и панделки,
украси ја,
разубави ја,
разгали ја.
Прочитај и книга,
направи и силно, црно кафе,
натопи ја во мед и млеко,
Клеопатра стори ја,
со нектар нахрани ја
и вивни ја угоре во облаците,
на пиедестал нека застане.
Таму со маслинови гранчиња
круна направи и’,
прочитај и псалм,
прегрни ја,
утеши ја,
подари и цвет,
љуби ја силно.
Ослободи ја твојата душа,
со чевел прегазена,
в црна земја закопана,
во болки зачмаена,
со рани оставена.
Со кандило прокади ја,
со миро помазај ја,
исплети и ги косите,
распетлај и ги маките,
алтан збор кажи и’,
алтани иднината да и ја сторат,
светот во шарени бои да го обои,
да порасне голема,
да воскресне,
повторно да се роди,
од пепелта да се издигне,
о, Феникс, мил.
Од црна дупка- светлина.
Од кожурец-пеперутка.
Метаморфоза.
Софија Петковска
Испратете и Вие ваш текст на info@ubavo.mk