Предлог три книги чија содржина ќе ве воодушеви
Мило мое дете (Роми Хаусман) Во тмурна колиба без прозорци некаде во шумата, животот на Лена и на нејзините две деца следи строго дефинирани правила, кои ги поставува човекот којшто ги држи заробени – таткото: кога се јаде, кога се оди во тоалет, кога се учи… и сето тоа под неговото будно око. Тој го штити своето семејство од опасностите кои демнат во надворешниот свет и води сметка неговите деца секогаш да имаат мајка која ќе се грижи за нив. Еден ден, Лена успева да побегне – но кошмарот продолжува. Се чини дека тиранинот сака да си го врати она што смета дека му припаѓа… Плус, под знак прашалник е дали таа навистина е жената по име „Лена“, мајка на двете деца, која исчезнала без трага пред 14 години. Полицијата и семејството на Лена очајно се обидуваат да ја состават сложувалката, чии делчиња од некоја причина не можат да се спојат во една целина.Морничав и адреналински трилер во стилот на „Соба“ и „Ејми ја нема“ – од една од најпопуларните германски авторки.
Улицата на бродовите (Сара Џио) Во врнежливиот Сиетл, на езерото Јунион, постои нешто што се нарекува Улицата на бродовите. Тоа е заедница на пловни куќи, каде што се живее уникатен, мирен и романтичен живот на вода. На самиот крај на доковите, има една пловна куќа со изветвени шиндри од кедар и ползавец грамофонче, но убавината на белите цветови може да лаже. Во педесеттите години, Пени, млада невеста на познатиот сликар Декстер Вентворт, се вселува во куќата и мечтае за исполнет живот како муза на успешниот локален уметник кого го очекува светска слава. Во сегашноста, Ада Санторини по игра на случајноста завршува на истата пловна куќа, со надеж дека нејзиното нежно лулање на езерото ќе ја затапи болката од личната трагедија поради која бега од Њујорк. Кога се сместува во куќата, Ада наоѓа стар ковчег полн со спомени од една жестока љубовна афера. Соседите на доковите од некоја причина не сакаат да откриваат многу за минатото, но јасно е дека сите ја сакале убавата и мистериозна Пени. Како новинар, Ада насетува интересна приказна и почнува да истражува. Се чини дека на Улицата на бродовите е судено да се испреплетат мистериозното минато на Пени и неизвесната иднина на Ада.
Ателјето на Монмарт (Олга М.Петкова) Младата и убава Русинка, Наталија, го напушта својот роден Санкт-Петербург и заминува на студии по француска литература во Париз. Воспитана во патријархален и конзервативен дух, Наталија тешко се соочува со францускиот либерализам, кој иако неодоливо примамлив, може да биде тежок и опасен за оној, кој не е навикнат на него. Духот на француската слобода ќе ја вплетка убавата Наталија во деликатни односи со средовечниот Пјер. Барајќи излез од својата душевна агонија, таа се вљубува во талентираниот сликар Андре, кој ќе ѝ ја покаже величественоста на вистинската љубов и ќе и ги отвори грандиозните порти на француската уметност. Нивниот живот, воден од филозофијата на Сартр и хранет од љубовта и уметноста, ќе ја доведе Наталија до присилно раскинување на сите врски со нејзиното семејство. Таа ќе мора да избере меѓу искрената љубов и животот во богатство. Дали богатството може да ја замени љубовта? Дали убавината на една жена има своја цена?