Предлог книги кои ќе го задржат вашето внимание се до последната страница
За денес одбравме три моќни книги. Книги кои ќе го задржат вашето внимание се до последната страница.
Сопругата на детрктивот (Мирјана Проданова) 1994 година: Лидија е млада девојка од фино семејство, кога го запознава малку постариот детектив Димитар и веднаш се вљубува во него. Не може да поверува колку е привлечен, колку е културен, колку е мажествен, а таа од друга страна, млада, наивна, неискусна. Кога тој покажува интерес за неа, просто не може да си поверува на среќата. Но дали е сè така како што изгледа? 2014 година: Лидија е во затвор, а Димитар е мртов. Никој не знае што точно се случило. Таа на суд сведочи дека со години била жртва на семејно насилство и тврди дека била принудена да го убие сопругот во самоодбрана, но никој не ѝ верува. А можеби и не треба… Семејна драма со голема доза на мистерија во која се испреплетуваат приказните на неколку затворенички, во стилот на легендарниот мјузикал Чикаго, и ве тераат да ги вртите страниците сè додека не дознаете како завршува секоја една од нив.
Девојка од мал град (Лиса Клејпас) Таа е девојка од мал град…Либерти Џоунс има соништа и одлучност што ќе ја одведат далеку од Велком, Тексас… ако успее да престане да одлучува со лудото срце наместо со разумот. Харди Кејтс гледа на неа како на забрането овошје. Неговите животни амбиции се далеку поголеми од Велком, а Либерти Џоунс е само непотребна дистракција. Но има нешто магично и моќно што ги влече еден кон друг, некоја опасна привлечност што е посилна од нив двајца. Тој е единствениот маж што таа не може да го има… Кога Харди заминува од градот за да ги реализира своите планови, Либерти останува сама, со својата помала сестричка за која мора да се грижи. До некаде беспомошна, Либерти наскоро влегува во мрежата на еден постар милијардер – некои дури и го нарекуваат нејзин „спонзор “, но нивната врска всушност е многу подлабока од тоа, па Либерти наскоро почнува да открива тајни за минатото на нејзиното семејство. Двајца мажи. Една жена. Одлука што може да ѝ го скрши срцето или засекогаш да го исцели. Љубовна приказна што сигурно ќе го освои вашето срце.
Врати ме назад (Б. А. Парис) Фин и Лејла се млади, заљубени, и на одмор. Тие возат по автопат кога Фин одлучува да застане на одмориште покрај патот за да отиде до тоалет. Тој излегува од колата, ја заклучува и влегува во тоалетот. Но кога се враќа, Лејла ја нема – и никој никогаш веќе не ја гледа. Тоа е приказната што Фин им ја кажува на полицајците. Но тоа не е целата приказна… Десет години подоцна, Фин е свршен со сестрата на Лејла – Елен. Заедничката болка и тага за она што се случило со Лејла ги зближила и тие планираат да останат заедно. Но, кај Елен има нешто што Фин никогаш не успева целосно да го разбере. Неговото срце сака да верува дека таа е вистинската за него… иако некое шесто сетило му вели да не ѝ верува. И тогаш, непосредно пред неговата венчавка со Елен, Фин добива телефонски повик. Некој од неговото минато ја видел Лејла. А се случуваат и некои чудни работи: во куќата на Фин и Елен одеднаш почнуваат да се појавуваат одамна изгубени предмети од минатото на Лејла. Почнуваат да стигнуваат мејлови од непознати луѓе кои од некаде знаат премногу. Тајни пораки, траги, предупредувања. Ако Лејла е жива – и ако таа е онаа што го прогонува Фин – што сака таа? И колку знае? „Врати ме назад“ ќе ве тера да се сомневате во сè и секого до последната страница.