После секој голем празник јас чувствувам празнина во себе
Веќе две години, после секој голем празник јас чувствувам празнина во себе. Секој празник, а и делник го поминувам со најблиските, а и со оние кои немаат што да прават, па ај кафе да пиеме ќе речат. Одам, пијам кафиња и пијачки со луѓе не многу важни за мене. Се трудам сè почесто да сум во друштво. Да зборувам за животот, за убави книги, за добри филмови, па и за туѓи животи. Почнав и за туѓи животни несреќи да зборувам. Само за тебе да не зборувам. Кафето со не многу блиски пријатели ми стана омилено. Пред нив не смеам ни да помислам да те спомнам. Тие утре ќе седнат, и моите мисли и зборови со некој трет ќе ги зборуваат и толкуваат. Затоа ми е убаво со нив, и уживам во безвезните муабети. Ова звучи тажно, нели?! Да, се трудам да ја избегнам тагата но, не ми оди. Нешто од внатре ми вика: „Џабе ти е се!“ Ама и овој пат не му верувам. Исто како кога те оставав што не му верував на внатрешниот глас. Тогаш тој ми велеше дека не треба. Знаеш, инаетлива сум. Правам работи кои не ги сакам. Само за мојот инает да биде поголем од твојот. Долго време со тебе се инаетам, на своја штета. Но, што можам? Таква сум. Ти најдобро ме познаваш. Празниците кога поминуваат ми е најтешко. Додека траат, сум наваму или натаму, со фамилијата и блиските. И, секогаш кога се собираме на фамилијарните ручеци ми доаѓа да ставам едно столче за тебе. Празно столче. Како душата што ми е празна после тебе.