Убави книги и филмови

Овие книги вредат да бидат прочитани!

За денес одбравме три предлог книги за кои сме сигурни дека ќе ви се допаднат. Овие книги вредат да бидат прочитани!

Игра на лагите (Рут Веар) „ИГРА НА ЛАГИТЕ“ претставува уште една загадочна мистерија од перото на Рут Веар, авторката на светските бестселери „Жената од кабината бр.10“ и „Во една мрачна, мрачна шума“. Пораката пристигнува доцна во ноќта. Само два збора: Ми требате. Иса веднаш го остава својот секојдневен живот зад себе, ја зема својата шестмесечна ќерка и се упатува кон Салтен. Во тамошниот интернат, сместен во близина на селото, ги поминала пресудните денови од својот живот, денови чија сенка сè уште се надвиснува над неа. Во училиштето, заедно со своите три најдобри другарки обожавала да ја игра Играта на лагите. Се натпреварувале кој подобро ќе ги убеди луѓето во бесмислените приказни и лаги. Сега, седумнаесет години подоцна, на плажата е пронајдено нешто ужасно. Нешто што ќе ја принуди Иса да се соочи со своето минато, заедно со трите жени што ги нема видено многу одамна, но кои никогаш не ги заборави. Нивната повторна средба воопшто не е пријатна: Салтен не е безбедно место за нив, не по она што го направиле во минатото. Време е четирите пријателки да ги усогласат своите приказни…

Господинот (Е Л Џејмс) Лондон, 2019. Животот е лесен за Максим Тревелјан. Поради својот добар изглед, аристократските врски и богатството, никогаш немал потреба да работи и ретко ги поминува ноќите сам. Но сето тоа се менува кога по ужасната трагедија, Максим ги наследува семејната титула, богатството, имотите и сите одговорности што доаѓаат со тоа. Сепак, не е подготвен за таа улога и одбива да се соочи со новата реалност.
Но негов најголем предизвик претставува да се избори со својот копнеж по неочекуваната средба со интригантна девојка која неодамна пристигна во Англија, носејќи со себе опасно минато. Воздржана, прекрасна и музички талентирана, таа е вистинска мистерија, а желбата на Максим се претвора во страст која никогаш порано ја нема искусено. Но која е Алeсија Демачи? Може ли Максим да ја заштити од опасноста што ѝ се заканува? И што ќе направи таа кога ќе дознае дека и тој крие тајни?
Од срцето на Лондон, преку руралниот Корнвол, до тмурната и застрашувачка убавина на Балканот, Господинот е ролер-костер од опасност и страст што го остава читателот без здив до последната страница.

Концерт (Хана Филдинг) Кога Катриона Друо, млада музикотерапевтка, ѝ ја исполнува последната желба на една оперска дива на умирање, да му помогне на нејзиниот син Умберто Монтеверди да си го поврати талентот за музика, знае дека се нафатила на тешка задача. Пред десет години поминала страсна ноќ со тогаш славниот композитор, ноќ што ѝ оставила неочекувани последици.
Ѝ станува јасно на колкав предизвик се нафатила кога стасува на имотот на својот клиент, на блескавиот брег од езерото Комо во Италија. Со видот одземен од речиси фатална автомобилска несреќа, тој маж е арогантен, огорчен, и се спротивставува на секој нејзин напор да му помогне. Сепак, Катрина, со песна како сирена, повикува нешто во него што тој никако не може да го игнорира.
Заробена во бурните интриги што се одвиваат во огромната куќа на Умберто во неокласичен стил, Катриона открива дека слепиот музичар ја привлекува исто толку силно колку порано. Како да му каже за тоа што изминативе десет години го криела од него? Набргу сфаќа дека нејзината тајна не е единствената што неспокојно се бранува под површината. Композиторот без вид го прогонуваат мрачни сили, кои, сега по вторпат, му се закануваат на животот.
„Концерт“ е сензуална и романтична приказна за изгубената љубов и за простувањето, за судбината и за тешките одлуки и за една хероина решена, конечно, да ги исправи сите нешта.

Поврзани статии

Back to top button