Убави книги и филмови

Книгите кои оваа зима мора да ги прочитате!

За убав ден одбравме три супер интересни и возбудливи книги кои вредат да бидат прочитани што поскоро.

Приказна за едно семејство (Роза Вентрела) Осумдесетти. Летата во Бари минуваат со џагорот на децата кои се бркаат низ лавиринтите од тесни улички поплочени со камен, чаршафите што се сушат на терасите поигруваат на ветрот, а мирисот на домашните кујни продира и во најскриените агли. Марија расте заедно со своите двајца постари браќа, Џузепе и Винченцо. Таа е мало девојче со карактеристичен изглед: голема уста и две речиси ориентални очи што сјаат како блескави сечила. Живее целосно втопена во безвременската атмосфера на стариот град, скриена во својот мал свет полн со омаловажувања – свет од кој е многу тешко да се излезе. Единствените охрабрувања што ги добива во периодот од детството до адолесценцијата доаѓаат од Микеле, син на едно од најнесреќните семејства во старото Бари. Пријателството помеѓу Марија и Микеле станува сè посилно и посилно, и покрај отвореното непријателството помеѓу двете семејства и ударите што ги нанесува животот. Сè додека тие чувства помеѓу нив двајца – силни, а истовремено нежни – не прераснат во љубов. Љубов која, и покрај тоа што е забранета, не им дозволува да го мразат светот околу нив. Писателката Роза Вентрела е новинар, историчар, а нејзините дела ја обработуваат состојбата на жените низ историјата. Нејзините романи редовно го привлекуваат вниманието на книжевната критика и објавувани се на многу јазици ширум светот.

Храбри наместо совршени (Решма Саџани) Во книгата инспирирана од нејзиното популарно излагање на TED talk, Решма Саџани ги охрабрува жените и девојките да ги прифатат несовршеноста и храброста. Замислете си дека живеете без страв дека не сте доволно добри. Дека не ви е гајле како изгледа вашиот живот на „Инстаграм“ или што мислат комплетните туѓинци за вас. Замислете си дека лесно се ослободувате од чувството на вина и сте престанале да се раскинувате себеси поради ситни грешки. Што доколку, при соочувањето со секоја одлука, сте го избрале похрабриот пат? Повеќето од нас се чувствуваат скршени од товарот на нашите сопствени очекувања. Се исцрпуваме себеси, обидувајќи се да ги задоволиме сите, цело време. Си го нарушуваме сонот, размислувајќи да не сме навредиле некого, кои можности да ги пропуштиме затоа што ќе нè извадат од нашата зона на комфорот и како по секоја цена да избегнеме одбивање. Постои причина зошто се однесуваме на овој начин, вели Решма. Како девојчиња, нè учеа да играме на безбедна карта. Родителите и наставниците нè фалеа затоа што сме тивки и учтиви, нè предупредуваа да бидеме внимателни за да не бидеме повредени и нè насочуваа на активности на кои можеме да блеснеме. Проблемот е дека совршеното девојче расте во жена која се плаши да потфрли. Време е да престанеме да дозволуваме нашите стравови да ги потопат нашите соништа и да го стеснат нашиот свет, заедно со нашата шанса за среќа. Со избирањето храброст наместо совршенство можеме да најдеме сила да го зацврстиме нашиот глас, да го оставиме зад себе она што нè прави несреќни и да тргнеме по работите што вистински и страсно ги сакаме. Совршенството можеби нè поставува на патеки на кои се чувствуваме безбедно, но храброста нè води до оној пат што автентично треба да го следиме. Во „Храбри наместо совршени“, Решма споделува моќни согледувања и искуства со кои ќе ни помогне да ја надминеме нашата обука за совршено девојче и да ја направиме храброста наша доживотна навика. Со тоа што ќе станеме храбри наместо совршени сите можеме да станеме креатори на нашиот најхрабар и најсреќен живот.

Момчето од шумата (Харлан Кобен) Човекот познат како Вајлди е мистерија за сите, вклучително и за себеси. Пред неколку декади бил пронајден како момче кое живеело длабоко во шумата, без сеќавања за неговото минато. Откако полициската потрага по семејството на момчето била безуспешна, тој бил даден на посвојување. Сега, триесет години подоцна, Вајлди сè уште не знае од каде доаѓа и живее во шумата во едно предградие, претпочита да биде сам и има само неколку подлабоки врски со други луѓе. Кога ќе исчезне едно локално девојче, познатата ТВ-адвокатка Хестер Кримстајн – со која Вајлди го поврзува еден трагичен настан – ќе го побара да ги искористи неговите уникатни способности за да ја најде. Во меѓувреме, група поранешни воени експерти за безбедност пристигнуваат во градот и кога ќе исчезне уште еден тинејџер, влијанието на случајот се шири надвор од границите на мирното предградие. Вајлди мора да се врати во заедницата во која никогаш не се вклопувал и во која моќните се заштитени дури и кога нивните тајни можат да ги уништат животите на милиони… тајни што Вајлди мора да ги открие пред да биде предоцна.

Поврзани статии

Back to top button