Книги кои треба да ги прочитате ова лето!
За денес одбравме три супер интересни книги од наши автори кои вредат да бидат прочитани.
Совршен допир (Ана Антовска) Марија е силна и независна архитектка, успешна и истакната во својата област, па не е никакво изненадување кога добива понуда за работа во престижна компанија. Нејзиниот хумор зачинет со многу сарказам, способноста да се шегува дури и на своја сметка и вечно позитивната енергија која зрачи од неа, ја прават како магнет за сите во нејзина околина, но особено за мажите, кои не остануваат имуни ниту на нејзината огнена коса, полните сензуални усни, крупните искрени очи и женствените облини. Но тие нејзини очи кријат голема тајна и имаат исплакано премногу солзи во животот, а зад нејзината убава насмевка лежи незамислива болка. Кога почнува со работа во новата компанија, таа веднаш му го привлекува вниманието на најимпресивниот маж кој некогаш го сретнала. Темнокосиот Александар плени со своите сини очи и лесната, секси насмевка; очигледно е дека многу жени паѓаат на неговиот шарм, но Марија има штит од изградени ѕидини околу себе, кој ѝ помага да одолее на искушението. Не само што не сака да се плетка со колеги, туку и знае дека тој не е слободен маж, па јасно поставува граница. Но, разумот е едно, а неверојатната конекција и неодолива привлечност помеѓу нив нешто сосема друго… Кога ситуацијата почнува да излегува од контрола во еден нејзин момент на слабост, Марија ја искористува деловната можност и заминува во Италија, за да побегне што подалеку од него, и од болката која тлее во неа цели 18 години и овој пат ѝ се заканува целосно да ја скрши.
Коронтин (Саша Богдан) Четири најдобри пријателки, сите со прилично различни животи, одеднаш се соочени со кошмарот наречен КОВИД-19. Денес сѐ е нормално, животот тече по својот секојдневен, ако не и малку монотон тек, а веќе утредента сѐ почнува да се менува: се појавува вирусот, растат бројките на заболени, луѓето се исплашени и затворени во своите домови. Одеднаш сите почнуваме да ја сфаќаме непроценливата вредност на едноставните секојдневни нешта што до вчера сме ги земале здраво за готово.
Марија е мажена и има две деца. Нивната куќа се претвора во хаотичен „затвор“ во текот на карантините. Хана е сингл докторка, која ги гледа последиците од вирусот во првите борбени редови во болниците, но дома е страшно осамена и не може да престане да го анализира својот живот во четирите празни ѕидови кога е принудена деновите да ги минува сама. Сара е мажена, без деца; таа и сопругот се дел од оние кои работат од дома поради вонредната состојба, па привремено се селат во викендичка на планина и одеднаш почнуваат да го гледаат животот со нови очи. Катарина е разведена, со дете, води свој бизнис и благодарение на новонастанатата состојба е принудена да се прилагодува, да бара алтернативни начини за работа – сето тоа како дополнителен стрес и притисок од веќе постоечкиот кој го наметнува вирусот. Секоја од жените претставува дел од таписеријата во која се претвори животот на луѓето во Ковид-19 добата.
Сите ја сакаат Марта (Мирјана Проданова) Марта е девојка каква што најчесто постои само во книгите и на филмовите. Девојка која им помага со тешките кеси на бремени жени. Девојка која им помага на стари бабички да преминат улица. Девојка која е секогаш ведра, љубезна и насмеана, прекрасно воспитана и културна со сите. Девојка која ја знаат сите во градот и за која сите имаат само убав збор, никогаш лоша мисла ниту поглед попреку. Но набрзо по нејзината матура, се случува нешто ужасно. Марта е убиена. Градот е во шок. Никој не може да поверува. Но како е можно? Кој би можел да го стори тоа? Та нели сите ја сакаат Марта. Зошто тогаш некој би ја убил девојката ангел?
Млад детектив од главниот град е испратен на југот на земјата да се обиде да го реши со години старото убиство и конечно да им даде малку мир на родителите на Марта, нејзините брат и сестра, но и сите жители на малиот град кои со цело срце ја сакале младата мила девојка. Но кога тој попатно почнува да развива симпатии кон сестрата на починатата девојка, работите дополнително се комплицираат…