Книги кои вредат да станат дел од вашата домашна библиотека!
За денеска одбравме предлог три книги кои вредат да бидат прочитани, книги кои треба што поскоро да станат дел од вашата домашна библиотека.
Длабоко во темнината (Лорет Ен Вајт) Изолирана планинска куќа. Совршено место за да побегнеш од сѐ и да одмориш малку. Толку изолирано место што никој никогаш нема да те најде. Ветувањето за луксузен одмор во спа центар во дива природа спојува осум среќни гости на едно место. Но ништо не е онака како што очекувале. Кога опасна бура им оневозможува секаков контакт со надворешниот свет, гостите почнуваат да стравуваат дека ова не е одмор. Туку замка. Секој од нив има тајна. Секој има нешто што го крие. И сега, кога темнината полека се спушта, сите имаат од што да се плашат… а најмногу еден од друг. Кога дознаваат за исчезнатата група луѓе, еден детектив и еден експерт за спасување мораат да се соочат со бруталните временски услови на планината за да ги најдат. Но дури ни тие двајца не се свесни колку е драгоцена секоја минута. Затоа што стрелката на часовникот врти, а гостите на Форест Шедоу умираат еден по еден. За нив, преживувањето станува морничава игра како од книга на Агата Кристи.
Што знае ветрот (Ејми Хармон) Ен Галахер растела воодушевена и маѓепсана од приказните за Ирска на нејзиниот дедо. Скршена од неговата смрт, таа заминува во неговиот дом од детството за да ја истури неговата пепел таму. Но, совладана од спомените од човекот што го обожавала и проголтана од историја што никогаш не ја знаела, таа патува во друго време. Но Ирска во 1921 година е опасно време, на раб на војна. А Ен се буди токму таму, во тоа опасно време, повредена и дезориентирана. За неа се грижи доктор Томас Смит, старател на едно младо момче кое за чудо ѝ е познато од некаде. Кога ја помешуваат со одамна исчезнатата мајка на момчето, Ен го присвојува нејзиниот идентитет, убедена дека исчезнувањето на жената е некако поврзано со нејзиното. Кога тензијата расте, Томас се приклучува на ирскиот отпор за независност, а и Ен се вмешува во конфликт покрај него. Распната помеѓу историјата и своето срце, таа мора да одлучи дали е подготвена да се откаже од својот стар живот за нов живот со љубов каква што мислела дека никогаш нема да пронајде. Но, на крајот, не се знае дали тој избор воопшто е во нејзини раце…
Млеко и мед (Рупи Каур) Книгата „Млеко и мед” од авторката и илустраторка Рупи Каур е најпродаваната колекција на поезија и проза според Њујорк Тајмс. Продадена е во повеќе од еден милион копии низ светот и преведена е на повеќе од 30 јазици. „Млеко и мед” е збирка поезија за љубовта, загубата, траумата, малтретирањето, зацелувањето и женственоста. Поделена на четири поглавја и секое поглавје има друга цел, се справува со различен тип болка, лекува друг тип болка во срцето .„Млеко и мед” ги води читателите на патување низ најгорчливите моменти во животот и наоѓа слатки нешта во нив – затоа што слатки нешта има насекаде, само ако сте желни да ги побарате.