Убави книги и филмови

Која книга да ја прочитате следна?

Доколку се уште ги немате прочитано, ве советуваме што поскоро да си ги набавите и да се нурнете во нив! 

И така, ви велам… (Џон Клиз) Автобиографијата на Џон Клиз, И така, ви велам…, е сето она што се очекува од нејзиниот автор – луцидна, промислена, провокативна и пред сè – забавна историја за тоа како едно високо, срамежливо момче од Вестон-супер-Мер стана своевидна легенда. Во овој интензивен и реномиран мемоар, Клиз ги води читателите на една голема турнеја низ неговиот подем во светот на шоу-бизнисот поаѓајќи од скромните почетоци во сонливиот роден град и раните комични денови на универзитетот Кембриџ (во друштво на идниот партнер во славните „Монти Пајтон“, Греам Чепмен) до основањето на прочуената комична група што ќе му донесе светска слава. Низ изненадувачки приказни и смешни дигресии со кратки попатни поетички паузи за тоа што е смешно, според една своја издржана дефиниција, и зошто е така, Клиз ја раскажува личната метаморфоза од млад комичар во мајстор на изведбата.

Фајронот во Сараево (Д-р Неле Карајлиќ) Фајронт во Сараево раскажува приказна што почнува во една кафеана во Младеновац и, патувајќи кон Првото коронарно одделение на Ургентниот центар во Белград, суптилно се пренесува четириесетина години наназад, во предвоено Сараево, каде што границите на универзумот не ги надминуваат границите на Кошево, а носител на успехот и смислата на животот е фудбалскиот клуб „Жељо“. Д-р Неле Карајлиќ, ѕвездата на „Забрането пушење“ и на „Топ-листа на надреалистите“, се открива како еден од најскапоцените инсајдери на митските југословенски приказни. Тој патува во спомените испреплетени со сегашноста и пред читателите се открива како сонувач, жртва, визионер и вечен извор на идеи. Влијанието на „Забрането пушење“ во тогашниот југословенски и постјугословенски контекст е огромно и во оваа приказна добиваме една поинаква перспектива на историјата на рокенролот. Пред нас се простира топла, емотивна и неодолива приказна за едно детско растење, созревање и стареење во земја натопена со крв, болка и нетрпеливост. На искрен, емотивен и духовит начин, оваа книга зборува за тоа како почна и како заврши сè.

Анаис од Монмартр (Јана Мишо) Со куфер во едната рака и транспортер за мачки во другата, Анаис Мишел доаѓа во Париз со амбиција да ја пронајде личноста што еднаш ја напушти – себеси. Но, нештата не се такви какви што ги остави некогаш. Нова маќеа, заборавен пријател и нескротлив страв од тоа „што ако не постои професија што може да ме направи среќна“, водат до серија неочекувани настани, вино, кафе и комплициран однос со еден… дечко. Сериозно, колку може да е тешко да се пронајдеш во град како Париз? Би се изненадиле.

Поврзани статии

Back to top button