Од васУбави муабети

Ги сакам луѓето кои на еден мал гест реагираат со широка насмевка и блесок во очите

Ги сакам изненадувањата. Сакам да приредувам изненадувања и велат сум успевала во намерата да изненадам. Сакам кога луѓето околу мене се среќни. Сакам и ми годи кога ќе расположам некого. Сакам да бидам причина за нечија радост и да измамам насмевка на нечие лице. Се радувам на туѓата среќа и успех и секогаш сум тука да подадам рака за поддршка кога е потребно. Еднаш една моја пријателка ми рече: “ретки се луѓето како тебе и се додека постојат луѓе како што си ти ќе има насмевка на моето лице”. И да, ги сакам луѓето кои на еден мал гест реагираат со широка насмевка и блесок во очите.
Токму тие ми го полнат срцето. Секојдневно слушам луѓето биле ладни во меѓучовечките односи, отапени во комуникацијата и осакатени во социјалните релации. Времето се сменило, вредностите се изместиле и еден куп празни муабети дека сè се гледа низ призма на пари и материјални добивки. Е да, најлесно е да се забележи, експресно да се толкува и да се коментира однесувањето кај другите. Ајде вака, запрашајте се зошто сте дел од такви токсични релации и со што вие придонесувате за такво однесување… ама не, ова бара повисоко ниво на свесност, а и продира во вистина која и не е баш пријатна. Тоа е дека нашите односи со другите, зависат од нашиот однос кон себеси. Како се однесуваме кон себеси се однесуваме и со другите. Секој го споделува со другите, тоа што го поседува. Едноставно е, ако не ви се допаѓа квалитетот на релациите кои ги имате со вашите пријатели, променете нешто кај себеси. Почнете од себе, променете се. Направете го првиот чекор и покажете дека емотиконите на месенџер и фејсбук не се единствен начин на кој ги изразувате вашите емоции.

Ирена Христова

Испратете и вие ваш текст на info@ubavo.mk

Поврзани статии

Back to top button