Велики Четврток: Ги обоивте ли јајцата?
Денеска е Велики Четврток, празник посветен на споменот за Тајната Вечера. Денешниот празник е еден од базичните настани за Црквата. Велики Четврток е на средина од Страдалната седмица, седмица која е полна со важни настани за спасението на човекот.
На Велики Четврток започнуваат и големите подготовки за претстојниот голем празник, Велигден. На овој ден, пред изгрејсонце, домаќинките ги бојадисуваат првите велигденски јајца во црвена боја. Адетот е жената која ги бојадисува да не е гладна, односно да има каснато барем едно залаче леб инаку во спротивно би се уништила магиската моќ која ја има првото јајце.
Откако јајцата ќе се бојадисаат, се оставаат свртени кон исток за да ги „фатат“ првите сончеви зраци. Потоа се будат децата и мајката им поминува со јајцата по образите изговарајќи ги зборовите „црвено – бело – здраво – дебело“ или „црвено – бело – здраво – живо“. Првото обоено јајце, односно Божјарчето како што го нарекуваат се става покрај икона и се чува се до идниот Велики Четврток.
Останатите јаца се бојадисуваат во различни бои и на различни начини. Црвената боја симболизира божествена љубов и надеж, сината – здравје, зелената боја означува раст, портокаловата – сила, жолтата среќа… Освен со боја, постојат и други начини на украсување на јајцата, со стикери, со светки, со декупаж техника, а последниве години актуелна е и техниката на бојадисување јајца со свила.