Убави книги и филмови

Среќен е оној кој чита!

Бидејќи книгите се најголемо богатство и среќен е оној кој чита, ние за вас и денеска одвоивме предлог три книги кои вредат да бидат прочитани.

Скандал на пролет (Лиса Клејпас) Откако Дејзи Боуман не успева да си најде маж три сезони во Лондон, татко ѝ ѝ се заканува дека ако таа самата не си пронајде маж ВЕДНАШ, тогаш тој лично ќе ѝ пронајде, без разлика дали ѝ се допаѓа изборот или не. А неговиот избор дефинитивно не ѝ се допаѓа затоа што станува збор за најладниот, најнепривлечниот и најздодевниот маж на светот – Метју Свифт. Дејзи е ужасена. Боуманови никогаш не признаваат пораз и таа одлучува да направи сè што треба за да се омажи со некој… кој било друг, освен Свифт. Но завршува шокирана кога одеднаш го сретнува Метју и сфаќа дека тој веќе не е непривлечниот маж од пред неколку години, не е слабото одбивно момче на кое се сеќава… Напротив, неговиот шарм почнува да ја разоружува и Дејзи полека почнува да сфаќа дека постои шанса човекот кој отсекогаш го мразела да е оној вистинскиот, човекот од нејзините најлуди соништа. Но баш кога таа конечно почнува да попушта, наидува на отпор и тајни и скандали од страна на Метју. Нешто што може да ја уништи дури и најсилната љубов на светот, љубов каква што нема дури ни во најлудите фантазии на нејзината романтичарска душа.

Новиот сопруг (Д.Џ Палмер) Тоа што љубиш некого не мора да значи и дека вистински го познаваш… Кога нејзиниот сопруг исчезнува , Нина дознава дека Глен водел двоен живот со друга жена. Но Глен веќе го нема – полицајците претпоставуваат дека се удавил за време на риболов на неговиот брод – па таа не може да се соочи со него за аферата и сите други лаги. Година и пол по несреќата, Нина се смета себеси за вдовица, иако полицијата сè уште нема пронајдено тело. Таа случајно се сретнува со Сајмон Фич, наставник од училиштето на нејзината ќерка, Меги, и полека почнува повторно да наоѓа љубов, со надеж дека некогаш ќе успее пак да дојде до нормален живот. Сајмон од друга страна, вдовец кој сè уште жали за самоубиството на неговата прва сопруга, гледа совршена жена во Нина. Неговиот шарм и топлина го лекуваат нејзиното предадено срце. Синот на Нина набрзо го прифаќа Сајмон како татко, но Меги гледа некоја мрачна страна кај овој нов човек во нивните животи. Дури и пријателките на Нина се прашуваат дали Сајмон е екстремно заљубен или можеби опасно посесивен. Тој ги знае сите нејзини омилени јадења, филмови, песни, потреби… И никогаш не би ја изневерил како Глен. Прашањето е, зошто е Сајмон Фич толку совршен?

Солта во морето (Рута Шепетис) Сите знаат за добро документираната катастрофа со Титаник, но малкумина се запознаени со една од најголемите поморски трагедии… Се ближи крајот на Втората светска војна и илјадници бегалци очајнички тргнуваат кон прегратките на слободата; многумина од нив со скриени тајни… Помеѓу нив се и Јоана, Емилија, Флоријан, чии патишта се вкрстуваат на пат кон „Вилхелм Густлов“, брод кој ветува спас. Соединети од стегите на околностите, тројцата млади црпат сила и храброст еден од друг, но меѓусебната доверба ја тестира секој следен чекор на пат кон безбедноста. И баш кога им се чини дека слободата е на дофат на рака, доаѓа до незамислива трагедија. Преоптоварениот брод, наменет за 1.800 патници, а натоварен со над 10.000 луѓе, почнува да тоне и сите тие, возрасни и деца, богати и сиромашни, мораат да се борат за истото: за преживување, за своите животи. Раскажан од различни перспективи, овој трогателен роман е инспириран од вистинска трагедија. Авторката ни открива жртви на страшната војна за кои знаат неверојатно мал број луѓе и докажува дека хуманоста и љубовта можат да победат дури и во најмрачните околности.

 

 

 

Поврзани статии

Back to top button