Со помош на добри книги направете си го добар денот, неделата и животот!
Предлог три книги кои треба да ги има секој прочитано!
И Чинг или книга на промените (Рихард Вилхелм, Кери Ф.Бајнс) Чинг, или Книгата на промените, е еден од првите напори на човековиот ум да се смести себеси во универзумот. Веќе три илјади години има силно влијание во Кина, а интересот за книгата се шири и кон Западот. Во зората на историјата била првично позната како книга на пророштва, Книгата на промените добила продлабочено значење кога на пророчките изјави им се вметнале етички вредности; станала книга на мудроста, а со текот на времето и една од Петте класици на конфучијанството, и останала заеднички извор за филозофијата на конфучијанизмот и таоизмот. Преработката на Рихард Вилхелм на И Чинг на германски јазик, издадена во 1924 г., првпат ù ја претстави оваа книга на пошироката читателска публика во разбирлива форма. Џозеф Нидхам, авторот на Науката и цивилизацијата во Кина, рекол дека изданието е веројатно најдобриот достапен превод. Вилхелм, кој превел многу други стари кинески дела и напишал неколку книги за кинеската филозофија и неговиот близок однос со тамошните културни предводници, му овозможил уникатно разбирање на текстот на И Чинг. Во англискиот превод се преземени сите можни чекори за да се задржи Вилхемовиот пионерски увид во духот на оригиналот. Ова трето издание, целосно преработено во практичен нов формат, содржи нов предговор од Хелмут Вилхелм, синот на Рихард Вилхелм и еден од највидните американски изучувачи на кинеската култура. Тој дискутира за пишаните методи на својот татко и дава краток преглед на неодамнешните изучувања на И Чинг и на Западот и во денешна Кина. Новото издание содржи помали промени во текстот, библиографски ревизии и првпат содржи и индекс.
Создавање добри граѓани (Дајен Равич, Џезеф П.Витерити) Водечки мислители од различни области во оваа книга ја истражуваат врската меѓу здравата демократија и образованието. Соработниците разработуваат теми од религијата во јавниот живот до политички конфликт во плуралистичкото општество до проблеми на расната нееднаквост. „Оваа провокативна збирка е корисен почеток со оглед на тоа како нашите училишта може да се издигнат над тривијалноста на мултикултурализмот“. Gary Rosen, New York Times Book Review „Некои делови нудат остар увид на врската меѓу образованието, религијата и граѓанската вклученост…[и друго] додавајќи непроценливо меѓународно гледиште на она што многу често е ограничена дебата за образовните политики“. David Steiner, Journal of Education Дајен Равич е професор-истражувач по образование на школата за образование при Универзитетот „Њујорк“ и претставник на Центарот „Браун“ за образовна политика на Институтот „Брукингс“. Џозеф П. Витерити е професор-истражувач по јавна политика на Школата за постдипломски студии за јавна администрација „Роберт Ф. Вагнер“ при Универзитетот „Њујорк“. Професорите Равич и Витерити се коуредници на New Schools for a New Century, издадено од Јејл Јуниврзити Прес.
Ботаника на желбата: Поглед на светот низ призма на растението (Мајкл Полан) Авторот Мајкл Полан предава пишување на Факултетот за новинарство при Универзитетот „Беркли“ од Калифорнија. Воедно пишува статии за угледниот магазин „Њујорк тајмс“ и добитник е на многубројни награди и признанија за својата новинарска и писателска работа. Читајќи ги неговите дела, може да бидете уверени дека ќе почнете да размислувате на начин на којшто никогаш претходно не сте размислувале. Четирите растенија чиишто приказни ги обработува оваа книга се оние што ги нарекуваме припитомени. Ние, луѓето, автоматски помислуваме дека припитомувањето е нешто што им го правиме на другите видови, а, всушност, факт е дека тие се оние што ни наметнале една умна стратегија за нивно напредување и остварување на нивните интереси. Растенијата се алхемичари на природата, експерти за трансформирање на водата, почвата и на светлината во многу скапоцени супстанции. Додека ние се справувавме со свеста и учевме да се движиме на две нозе, растенијата ја создадоа фотосинтезата и ја усовршија органската хемија. Четирите човечки желби што се обработени во оваа книга се желбите за благо, убавина, труење и за контрола. За овие четири желби учиме преку јаболкото, лалето, канабисот (марихуаната) и компирот. Врската меѓу тие желби и овие растенија е дадена во вид на една поинаква приказна за човекот и за природата. Да се гледаат овие растенија во една заедничка и интимна врска со нас значи да се гледаме поразлично и ние самите. Ако сакате да ги менувате нештата, ако имате авантуристички дух и сте подготвени за нови предизвици, имате пред вас една навистина добра алатка за остварување на сето тоа.