Книги кои го заслужуваат вашето внимание
За денес одбравме три супер возбудливи и емотивни приказни кои вредат да бидат прочитани.
Добра ноќ, Џун (Сара Џио) „Добра ноќ, месечино“ е обожуван детски класик, но неговото вистинско потекло е загубено во историјата. Во „Добра ноќ, Џун“, Сара Џио споделува една своја имагинарна верзија за приказната зад инспирацијата за детскиот класик. Џун Андерсен е успешна на професионално поле, но многу несреќна во приватниот живот. Неочекувано ја повикуваат за наследството на нејзината почината тетка Руби и треба да донесе одлука за судбината на детската книжарница Сината птица, која Руби ја основала во четириесеттите. Помеѓу документацијата во книжарницата, Џун наоѓа писма кои си ги пишувале Руби и покојната Маргарет Вајс Браун… и зачекорува во страниците на американската литература.
Танцувај со мене (Сузан Е.Филипс) По долго време, легендарната Сузан Елизабет Филипс се враќа со емотивен роман за женскоста, дивите срца и исцелувачката моќ на љубовта. Кога животот ја разочарува по којзнае кој пат, младата вдовица Тес Хартсонг бега во мало гратче високо во планините Тенеси, надевајќи се дека во природата ќе успее да побегне од скршеното срце и да го најде мирот којшто ѝ е потребен за да си дојде на себе. Но наместо спокој и тишина, пронаоѓа енигматичен уметник кој исто така е во потрага по самотија, еден слободен дух со премногу тајни, едно беспомошно новороденче, група љубопитни тинејџери и град сомничав кон секој новодојденец, особено таквите тврдоглави како Тес. А подеднакво тврдоглав е и Иан Норт; комплициран, надарен маж со измачена душа – човек кој ја тера Тес да преиспитува сè. Бегајќи кон овој нов живот, Тес се прашува: дали целосно ќе се изгуби себеси… или ќе си ја пронајде иднината?
Пред таа да исчезне (Лиса Гарднер) Една обична жена нема да дозволи ништо да ја запре да ги пронајде исчезнатите луѓе кои остатокот од светот ги има заборавено.
Френки Елкин е просечна средовечна жена, зависничка од алкохол во фаза на лекување, со куп нешта во животот за кои се кае. Но сега го поминува времето правејќи го она што никој друг не го прави – бара исчезнати луѓе кои светот престанал да ги бара. Кога полицијата се откажува, кога јавноста заборава, кога медиумите престануваат да обрнуваат внимание, тогаш Френки почнува да бара. Нов случај ја води во бостонско соседство со лоша репутација. Ја бара Анжелик, тинејџерка со потекло од Хаити, која исчезнала од своето средно училиште пред неколку месеци. Отпорот на бостонската полициска станица и семејството на жртвата ѝ даваат до знаење дека е препуштена сама на себе . Но ништо нема да ја спречи да ја открие вистината, па макар тоа значело следната исчезната личност да биде лично таа.