Од васУбави муабети

Дело кое ќе не натера да се запрашаме “Не кој сум јас, туку кој сакам да бидам јас и што таа улога значи”

Неодамна излезе од печат книгата ”Ѕвездени окови”, која е прво дело на авторот Александар Костадиноски. Станува збор за уникатна, интригантна приказна раскажана на виртуозен начин.
Книга – ремек дело!
Првенче на автор чие име е новооткриена ѕвезда на македонското творечко небо.
Автор чија нарација прецизно и моќно, на уникатен и оригинален начин, успева да ги “скрши” децениските окови на тврдокорната закоравеност на еден народ во вечната борба за својот идентитет.

Костадиноски мајсторски создава, како што самиот вели ” волшепство од црни рецки кои имаат способност да метамофозираат во гласови, слики и чувства”. Тоа негово волшепство, ќе не однесе во еден свет, за нас нов, далечен, недостижен, свет во кој се стигнува преку лескови падини, мирисни шарени полјани, со мали жуборливи поточиња, свет толку убав, свет спротивен на нашиот, далеку од трулежот на “новото нормално”.

“Дојди“ – му шепоти планината со својата грамадност. “ Почувствувај ме” – ѕвони почвата со секој удар на одот.
” Ме препознаваш?„ – прашуваат артефактите длабоко покриени со прашина.
Секој чекор буди татнежи кои се синхронизирани со отчукувањето на срцето на еден Македонец.

“Мирот, слободата, спокојството тие универзални човекови ненасушни потреби станаа цел на напади на „новото нормално“ на новиот Свет. Светот во кој лудилото е се поприсутно, се посилно, се почесто, понормално, свет во кој повикот на Дивината е се погласен. Ќе одам. ” – вели авторот и гордо чекори по патот кој пред него се отвара, полнејќи ги градите со воздушни честички составени од ѕвездена прашина, помешани со атоми на македонската дамнина, препуштајќи се во широката прегратка на планината која му се нуди.

Оди, чекори храбро, сѐ подлабоко во едно друго, минато време, сѐ подалеку од денес и сега, сѐ подалеку од дома, за уште еднаш да се увери дека
“ТВОЈОТ ДОМ Е ТАМУ КАДЕ ТИ Е СРЦЕТО”

Тешко е да се најдат вистински зборови за да се опише воодушевувањето кое го предизвикува ова дело.
Дело кое ќе не потсети да погледнеме во срцето и да се потсетиме колку сме богати – чувствувајќи ја љубовта како тече низ нашите вени.
Дело кое ќе не потсети која е суштината на нашето суштествување.
Дело кое ќе не натера да се запрашаме “Не кој сум јас, туку кој сакам да бидам јас и што таа улога значи” . Ништо на светот не се достигнува без заслуга, без ризик, без жртва. Но, која е жртвата, колкава е цената која треба да се плати?
Дело кое ќе ни потврди дека љубовта е вечен пламен кој колку повеќе го делиме, толку повеќе се множи. Дело кое ќе не освести да бидеме внимателни со среќата, со таа нежна прашинка на дланка – ако дишеш ќе ја загубиш, ако не дишеш ќе умреш.

Верувајте ми, овој роман е новата ѕвезда која ќе го засени македонското литературно небо и ќе блеска дооолго!

Уште еднаш, најискрени честитки и желби за големи успеси до авторот!

Драги читатели, овој роман дефинитивно заслужува место во вашата домашна библиотека, а неизбежно ќе си пронајде и во вашето срце!

Романот е во издание на авторот и можете да го набавите од кај него.

*** ЛИНК до инстсграм профилот на авторот
https://www.instagram.com/p/CdJL2x-IVag/?igshid=YmMyMTA2M2Y=

Автор: Марина Кљајиќ Петковски

Поврзани статии

Back to top button