Книги кои го заслужуваат вашето внимание
За денес одбравме три супер возбудливи и емотивни приказни кои вредат да бидат прочитани.
Еден по еден (Крис Картер) Детективот Роберт Хантер добива анонимен повик и чудно барање: да посети конкретна веб адреса – еден вид приватно емитување на содржина. Хантер ја отвора адресата и веднаш почнува шоу осмислено специјално за негови очи. Но јавувачот не сака детективот Хантер само да гледа, тој сака и да учествува, а одбивањето едноставно не е опција. Принуден да направи одвратен избор меѓу две подеднакво грозоморни опции, Хантер мора да седи и да го гледа измачувањето и убиството на неидентификувана жртва во живо на интернет. Полицијата на Л.А и ФБИ ги користат сите свои ресурси за електронски да го лоцираат преносот, но овој убиец не е аматер и беспрекорно си ги има покриено трагите од А до Ш. Уште пред Хантер и Гарсија да успеат официјално да започнат со истрагата, Хантер добива нов повик. Нова веб адреса. Нова жртва. Но овој пат убиецот ја крева играта на следното ниво: реално шоу со убиство во живо, каде секој може да гласа за начинот на убивање.
Умри за мене (Синтија Идн) Кетрин Кол била убедена дека нејзиниот свршеник е совршениот маж сѐ додека не дознала дека всушност е совршениот убиец. Тој ги оставал жртвите прободени низ срцето, со една црвена роза во рацете како негов заштитен знак и го нарекле убиецот Валентин. Пред три години, тој исчезнал. А сега е вратен. И ја гони онаа која му побегнала. Во Њу Орлеанс, Кетрин за првпат по долго време се осмелува да се надева дека конечно е безбедна, но тој сепак некако ја наоѓа. Па овој пат нема намера тивко да седи и да чека; ќе даде сѐ од себе да го запре монструмот кој порано го сакала, па дури и ќе му верува на еден полицаец кој ѝ ветува дека ќе се погрижи таа да е безбедна. Детективот Дејн Блек никогаш не дозволува емоциите да му се мешаат во работата, дури ни кога убиецот Валентин се појавува во Њу Орлеанс да го демне својот плен. Но кога се согласува да ја штити поранешната свршеница на убиецот, не може да ја игнорира страста помеѓу нив. По една незаборавна ноќ која ги поврзува во душа и тело, Дејн сфаќа дека нема да се смири сѐ додека Кетрин не е безбедна во неговите раце, а убиецот Валентин мртов.
Жената со сина ѕвезда (Пам Џеноф) 1942 година. Сејди Голт има осумнаесет години и живее со своите родители среде хоророт во гето во Краков за време на Втората светска војна. Кога нацистите влегуваат во гетото, Сејди и нејзината трудна мајка се принудени да побегнат во опасната канализација под тлото на градот. Еден ден, Сејди погледнува нагоре низ една од шахтите и здогледува девојка на нејзина возраст како купува цвеќиња. Ела Штепанек е девојка од богато полско семејство, која живее релативно мирен живот со својата маќеа, која пак е прилично блиска со окупаторите Германци. Отфрлена од своите пријатели и тажна по својот свршеник кој е заминат во војна, Ела неуморно талка низ Краков. Додека пазари, забележува како нешто се движи под една шахта на улицата. Кога погледнува малку подобро, сфаќа дека тоа е девојка која се крие долу. Ела почнува да ѝ помага на Сејди и тие две се зближуваат, но како што опасностите од војната се зголемуваат, така нивните животи сѐ повеќе тргнуваат во правец кој ќе ги стави на тест во невозможни околности. Инспирирана од вистински приказни, Жената со сина ѕвезда е страшно емотивна приказна за моќта на вистинското пријателство и исклучителната сила за преживување на човечката волја.