Од васУбави муабети

Јас одамна престанав да посакувам… Одамна престанав да сонувам…

Нема ветер ноќва.
Мирно е.
Како исптеплетени крошните на дрвјата, да си ги шепотат тајните.
Оние тајни, сочувани во корењата столетија.
Чудна тишина.
Чистотата на небесниот свод наговестува промени.
Само ако погледнеш нагоре, ќе си ги видиш сите желби, кои светкаат како мали ѕвездички…
Јас одамна престанав да посакувам. Одамна престанав да сонувам.
Чинам поминаа постоења, како посакав за последен пат нешто. Веќе имам и заборавено што беше тоа.
Само чувството не го заборавам. Вдишав како да го вдишувам светот со своите гради. Целиот хаос ја распара длабочината на душава, создаде немир зовривајќи ја крвта…
Издишав олеснување. Издишав мир.
Не знам зошто, одеднаш сите желби беа остварени. И оние сокриени во мојата потсвест, како во старо кофчеже на кое пишува- Не отварај!
А таму, Ти.
Она забранетото. Она далечното. Она недостижното.
Те имаше времето закопано, за да не чепкам со врвовите на прстите, каде што има тага.
А јас луда, помислив дека ако допрам со нежност, ќе ја избришам темнината.
Надеж.
Пуста надеж извезена со искрена насмевка.
Таква иста што ме тера и оваа ноќ да вдишам, посакувајќи несвесно да се исполни оној одамна заборавен дел во мене.
Колкав борец треба да е човек, со храброст бескрајна како оние темни дупки во Универзумот, на кои не им се знае крајот… За да се откаже од сѐ за трошка тишина?
Твојата тишина, таа ми е потребна.
Гледаш…
Мирно е ноќва.
И крошните на дрвјата си раскажаа сѐ што молчеле додека ги убивало и оживувало времето.
А јас?
Еве…само уште дим од цигарава…и ќе те запишам во вечноста.

Маја Спасовска

Оставете и Вие ваш текст на info@ubavo.mk

Поврзани статии

Back to top button