Убави книги и филмови

Предлог три книги кои вредат да бидат прочитани!

Времето поминато читајќи книга е квалитетно поминато време. Денеска за вас љубителите на пишаниот збор одвоивме три супер интерески книги кои вредат да бидат дел од вашата домашна библиотека.

Девојката во огледалото (роус Карлајл) Напишан во напнат стил од кој се заледува крвта, полн ненадејни пресврти, во кој се напишани и Сопругата меѓу нас и Има нешто во водата, ова е трилер кој веднаш привлекува со приказната за идентични близначки, алчност, тајни и за смртоносни лаги.
Ајрис и Самер, сестрите близначки, изгледаат вџасувачки исто: но, под она што се гледа лежи една темнина која сосем ги разликува. Цинична и несигурна, Ајрис одамна ѝ завидува на Самер за нејзината навидум вечно среќна судбина.
Кога Самер ја повикува Ајрис на Тајланд за да ѝ помогне да ја однесат семејната јахта по морски пат до Сејшелите, Ајрис почнува скришно да се надева дека на тоа патување ќе се случат некои работи. Но, еден вознемирувачки инцидент среде Индискиот Океан менува сè.
Ајрис сега добива можност да зачекори во оној златен живот за кој секогаш ѝ завидувала на сестра си, и да се доближи уште малку до наследството вредно сто милиони долари што им го оставил нејзиниот татко манипулатор. Ајрис само треба да се погрижи токму таа од сите седум негови деца да биде првата што ќе ги исполни чудните услови наведени во тестаментот.
Но, Ајрис набргу открива дека нејзината сестра близначка чувала повеќе од една тајна, и сега животот ѝ се тетерави меѓу гламурозен сон и параноичен кошмар. Во семејство во кое победникот собира буквално сè, кому да верува? И, колку далеку ќе оди за да го дограби животот за кој отсекогаш сонувала?

Куба од моите соништа (Шанел Клитон) Од авторката на издавачкиот феномен и бестселер „Се гледаме во Хавана“ ни доаѓа приказната за преубавата и храбра Беатрис Перес, жена пред своето време, која ќе ризикува сè за своите идеали. Кубанската револуција ѝ зела сè на наследничката на шеќерната династија Беатрис Перес: нејзиното семејство, нејзиниот народ, нејзината земја. Опседната со желбата да се одмазди и да го врати животот што го изгубила на Куба, се заплеткува во опасниот свет на шпионажата за да се инфилтрира во кругот на луѓето што му се најблиски на Фидел Кастро. Студената војна како ураган ѝ се заканува на Флорида и на сè што ѝ значи на Беатрис, а таа е растргната меѓу политичкиот судир и забранетата афера со еден моќен и амбициозен маж. Додека расте напнатоста меѓу Куба и Соединетите Американски Држави, а текот на историјата бега од контрола, Беатрис мора да избира меѓу тоа што било и тоа што треба да биде, а еден погрешен чекор би можел да ја остави без сè – не само без саканата Куба, туку и без мажот на кој му го дала срцето.

Патот на душите (Мајкл Њутн) Се плашите ли од смртта? Се прашувате ли што ќе се случи со вас кога ќе умрете? Дали е можно да имате душа која дошла од некаде и која ќе се врати таму штом ќе ви умре телото, или тоа е самозалажување поттикнато од стравот?
Оваа книга е еден вид дневник за духовниот свет. Ни нуди низа стории, вистински случаи, кои разоткриваат во најголеми детали што се случува со нас штом ќе заврши нашиот живот на Земјата. Ќе бидете одведени зад духовниот тунел и ќе влезете во самиот духовен свет за да дознаете што се случива со душите пред конечно да се вратат на Земјата во друг живот.

 

Поврзани статии

Back to top button