Книги кои ќе ги разбудат сите ваши емоции…
За денес одбравме три супер возбудливи и интересни книги кои ќе го задржат вашето внимание, ќе ве насмевнат, но и ќе ве натераат да пуштите по некоја солза.
Очи од сребо, очи од злато (Елен Оконел) Ен Велс е срам за своето ладно, културно семејство уште од нејзините детски денови, полни со будалштини и лапсуси кои не ѝ доликуваат на една млада дама. Нејзиното семејство ги обвинува токму тие будалштини за срамниот факт што таа е стара мома на дваесет и осум години. Корд Бенет, син од вториот брак на неговиот татко со Индијанка, исто така е црна овца во своето семејство. Тие се богати ранчери и адвокати кои се срамат, па дури и се плашат од него. Кога ги затекнуваат Ен и Корд заедно сами, бесот на нејзиниот татко кулминира со насилство. А семејството на Корд веднаш е убедено дека вината е негова. Можат ли Ен и Корд да ја искористат неочекуваната слобода што произлегува од обвинението за гревови кои всушност не ги направиле за да изградат живот заедно? Или мешањето и неодобрувањето на нивните семејства сепак ќе ги раздвои? Прекрасна љубовна приказна што ќе ја читате со солзи во очите и кнедла во грлото.
Заколната на молк (Линда Кастиљо) Некои вистини се толку ужасни, што е подобро никогаш да не се разоткријат… Некои злосторства се премногу незамисливи за да бидат решени… Во едно мало, мирно рурално гратче во Охајо, Амишите и останатите жители живееле сложно два века. Но пред шеснаесет години, серија брутални убиства го уништиле мирот во спокојната фармерска заедница. По злосторствата, во градот владее немир, има некоја ранливост и невиноста е засекогаш изгубена. Кејт Бркхолдер, млада Амишка, го преживеала теророт на Убиецот од кланицата, но како последица од бруталноста, сфатила дека таа веќе не припаѓа со Амишите. Сега, многу поискусна, Кејт ја бараат да се врати во градот како началничка. Нејзините амишки корени и искуството во полицијата во голем град ја прават совршен кандидат. Таа е сигурна дека веќе се има помирено со минатото – сè до пронаоѓањето на првото тело во едно снежно поле. Кејт се заколнува дека ќе го фати убиецот пред да нападне повторно. Но за да го стори тоа, мора да го предаде своето семејство и своето амишко потекло – и да разоткрие една мрачна тајна што би можела да ја уништи.
Коски на срцето (Колин Хувер) Животот и безвредното презиме се единствените две работи што родителите некогаш ѝ ги дале на Бeја Грим. Откако потполно сама си го пробива својот пат во животот, Беја е насочена кон поголеми и подобри нешта, сето тоа благодарение само на самата себе. Кога само два кратки месеци ја делат од иднината за која сонува цел живот и од минатото кое очајно сака да го остави зад себе, неочекувана смрт ја става во ситуација да остане без кров над главата. Принудена да побара помош од последниот човек на светот од кого би сакала да бара што било, таа мора да го помине остатокот од летото на полуостров во Тексас со татко си кој едвај го познава. Беја планира да остане тивка и незабележлива, па летото да помине безболно и брзо, но нејзиниот нов сосед, Самсон, го разнишува нејзиниот совршен план. На прв поглед, Самсон и Беја се потполно различни. Таа израснала во сиромаштија, запоставена од своето семејство; тој потекнува од богато семејство со изобилство од привилегии. Единственото нешто што им е заедничко е тоа што и двајцата ги привлекуваат тажни нешта, што значи дека двајцата меѓусебно се привлекуваат. Кога хемијата меѓу нив станува премногу силна за да се игнорира, двајцата се согласуваат на една незначајна летна романса. Она што Беја не го предвидува е бранот од емоции што надоаѓа и ризикот истиот да ја одвлечка во најопасните длабочини.