Чудна сорта сме ти ние среќо…
Чудна сорта сме ти ние среќо.
Како старо вино и јако сирење, така некако си одиме заедно…
Ти низ моите сетила, а јас по твојата душа. И има нешто демонско во твоите очи, ме тера да клекнам на колена, да се откажам од сите богови во мене, да се измијам во твојот оган.
Јас…не се ни сеќавам кога последен пат дишев, како низ мене да поминува силата на универзумот.
Не знам кога последен пат се смеев, како да не постои тага околу мене.
Знам дека сум искривена слика, како рефлексија во скршено огледало. А ти гледаш во мене, низ мене.
Што гледаш?
Што наоѓаш таму кај што никој не бил?
И ми ги галиш сите скршени парчиња, а со еден допир создаваш целина.
Која бев пред да потонам во твојот поглед?
Боже…
Не се ни сеќавам на нешто, пред да ме врзеш на оние мали јажиња и да ме движиш како марионета.
Не знам да одам на прсти.
Јас сум како бура. Со себе носам светови…а во сите мои светови само едни очи.
Тие, твоите.
Тие што ми викаат- Ајде, ако имаш храброст влези, прошетај. Може ќе изгориш. Пробај!
А сакам да горам, како да немам ништо свето во мене…
Чудни сме ние среќо…
Ти ми влегуваш под кожата, а јас сум хармонија во твоето срцебиење.
И одеднаш стануваш здив, оној еден што ме враќа во живот.
А јас…
Што сум ти јас на тебе?
Маја Спасовска
Испратете и вие ваш текст на info@ubavo.mk