Од насУбави муабети

Ќе те прогласам за единствена страна на светот…

Убаво е кога на денот додавате поезија. Одеднаш тој станува волшебен. За да ви предизвикаме насмевка, избравме една одлична песна која се вика „Додворувачка мантра“, а чиј автор е македонскиот писател Иван Шопов.

Ќе ти трчам гол околу зграда
Ќе му ги издишам гумите на татко ти
Ќе ти ги иселам комшиите
За да бидеш со мене.

Ќе земам пожарникарски скали
Ќе се искачам до твојот прозорец на четврти кат
Ќе ти пеам љубовни балади со фалш глас
За да бидеш со мене.

Ќе се откажам од гледање македонски народни приказни
Ќе крадам сладоледи само за тебе
Ќе те сакам повеќе и од Ѓорѓи Колозов кога бев малечок
За да бидеш со мене.

Ќе признаам јавно дека носот ми е поискривен од твојот
Ќе ги отрујам сите што не мислат дека си најубава на цел свет (и пошироко)
Ќе ги отрујам и тие што мислат така
За да бидеш со мене.

Ќе те масирам пет пати дневно
Ќе се вработам во стаклара
Ќе ти ги кубам влакненцата што твојата несмасна депилаторка ги пропуштила
За да бидеш со мене.

Ќе направам флаери со слика од тебе и ќе ги делам низ цела населба
Ќе го носам твојот лик на маица
Ќе те нацртам на огромно платно иако не знам да цртам
За да бидеш со мене.

Ќе го симнам пивското стомаче
Ќе се откажам од љубовниот тепих
Ќе пуштам секси брадичка
За да бидеш со мене.

Денот кога првпат се бакнавме ќе го прогласам за државен празник
Земјата кај што си стапнала ќе ја направам национален парк
(јас ќе бидам чуварот)
Ќе земам станбен кредит
За да бидеш со мене.

Ќе ти ги клемпавам ушите да те нервирам
Ќе те штипкам за задникот на јавно место
Ќе отворам Љубовна Академија
За да бидеш со мене.

Ќе организирам протест против нашата разделба
На него ќе ги повикам сите заљубени
Ќе се степам и со полицајците – редари
За да бидеш со мене.

Ќе ги испробам сите методи за освојување
Ќе си го сменам името во Методија
Ќе направам разумен компромис
За да бидеш со мене.

Ќе завивам како волк по твоето меше
Ќе ти купам „Животинско царство“ со сликичка од мене
Ќе плачам како мало дете
За да бидеш со мене.

Ќе те прогласам за единствена страна на светот
Ќе ти наберам сончогледи и четирилисна детелина
Ќе ја завртам Земјата наопаку
За да бидеш со мене.

Поврзани статии

Back to top button