Убави книги и филмови

Книги кои ќе останат во вашето сеќавање засекогаш!

Продолжуваме да ве мотивираме да создадете подобра верзија од себе преку читање книги. Читајте редовно, читајте постојано. За денес одвоивме три книги кои вредат да бидат прочитани, три книги кои ќе останат во вашето сеќавање засекогаш.

Улицата на светулките (Кристин Хана) Кејт има прифатено дека засекогаш ќе биде обична и непопуларна летото кога, на нејзино воодушевување, „најголемата фраерка на светот“ се доселува во куќата преку улица и изразува желба да ѝ биде пријателка. Тали Харт има сè – убавина, интелигенција, амбиција. Тие навидум се тотално различни: Кејт, осудена вечно да биде непопуларна, со семејство кое би направило сè за неа. Тали, целата гламурозна и мистериозна, но со тајна што ја убива. Тие прават пакт да бидат најдобри пријателки засекогаш и до крајот на летото стануваат неразделни. Напуштена од мајка си на рана возраст, Тали е очајна да му ја докаже својата вредност на светот и копнее за безрезервна љубов. Како што растат, така Тали слепо ги следи своите амбиции во Њујорк и низ светот, пронаоѓајќи слава, успех… и осаменост. Кејт знае дека нејзиниот живот нема да биде ништо посебно. Таа само сака да се заљуби, да има деца и нормален живот. Не е ни свесна колку животот како сопруга и мајка ќе ја смени… и колку ќе ѝ завидува на славната најдобра пријателка… Триесет години заедно ги преживуваат бурите на пријателството и мислат дека можат да преживеат сè, но едно предавство ги разделува… и ги става на тест нивната храброст и нивното пријателство.

Напишано со каење (Али Мартинез) Секое девојче сонува за сопствена бајка. Бајката во која силниот витез доаѓа да ја спаси од канџите на злото. Потоа се заљубуваат, се венчаат, имаат деца и живеат среќно до крајот на животот. По таа дефиниција, и мојот живот требаше да е бајка. Кога имав осум години, Кејвен Хант ме спаси од најголемото зло на Земјата. Нема врска што бев само дете. Сепак се вљубив во него. Но таму воедно и заврши мојата бајка. Многу години подоцна, една непромислена ноќ во најмрачен период од животот ни подари ќеркичка. Но тој мрак не беше ништо во споредба со црнилото што ме консумираше кога бев принудена да ја оставам со Кејвен засекогаш. Сите бајки имаат едно нешто заедничко: среќен крај. Знаев дека мојата нема да има, но секоја ноќ се молев барем нејзината да има. Му го должев животот на Кејвен. Но на тоа девојченце му должев уште повеќе. Па затоа морав повторно да се соочам со татко ѝ, без разлика колку болело.

Изгубената ќерка (Џил Пол) Руска принцеза. Неверојатна жртва. Мистериозна тајна…Од авторката на бестселерот Тајната сопруга ни доаѓа нова трогателна приказна за јачината на љубовта и моќта на простувањето. 1918 година: кога државата со која претходно владееја се врти против нив, иднината на семејството Романови виси на конец. Тогаш средната ќерка, Марија, го привлекува вниманието на двајца од стражарите и тоа води до еден многу тежок избор помеѓу правилното и погрешното. Педесет и пет години подоцна: „Не сакав да ја убијам“. Со овие криптични зборови умира таткото на Вал, оставајќи ја да ја открие мистеријата која поврзува две семејства кои се имаат соочено со неопислива трагедија и можеби конечно да најде објаснување кое се чека многу одамна. Ова е спектакуларна, воодушевувачка и романтична сага која ќе остане со вас засекогаш.

Поврзани статии

Back to top button