Седи си дома, читај си книга!
За денес одбравме предлог три книги кои ќе го задржат вашето внимание. Слободното време потрошете го квалитетно, читајте!
Еднаш и тогаш (Морис Глицман) „Еднаш“ е приказна за едно Еврејче кое е решено да побегне од сиропиталиштето каде што живее за да ги спаси своите родители Евреи од нацистите во окупирана Полска за време на Втора светска војна. Сите заслужуваат да имаат нешто добро во животот. Барем еднаш. „Еднаш побегнав од сиропиталиште за да ги најдам мама и тато. Еднаш насмеав нацист. Се викам Феликс. Ова е мојата приказна“. Тоа е доброто кај приказните. Секогаш постои шанса да се остварат. Феликс е среќен. За разлика од другите деца во сиропиталиштето, тој е сигурен дека неговите родители ќе се вратат по него еден ден. И без разлика колку нацистите ги палат книгите, благодарение на имагинацијата на Феликс, тој и неговите другари имаат безброј приказни – приказни кои ги штитат кога бегаат, кога се кријат од насилството и лудилото што владее насекаде околу нив, кои им даваат надеж кога се чини дека сè е изгубено и кои еден ден можеби дури и ќе му го спасат животот на Феликс. „Еднаш“ и „Тогаш“ се две книги издадени во споено „омнибус“ издание.
Пациентот (Себастијан Фицек) ПРЕД ЕДНА ГОДИНА: Тил Беркхоф го сака својот син Макс со цело срце. Но и покрај тоа што го чуваат како сопствените очи и постојано го предупредуваат никогаш да не оди со непознати, Макс еден ден оди да игра со другарче и не се враќа дома. СЕГА: Макс Беркхоф е исчезнат цела година. Само киднаперот знае што се случило со него. Дали е жив или мртов… Но киднаперот сега е во психијатриското крило на затвор со максимално обезбедување и одбива да каже нешто. Па таткото на Макс нема друг избор, има само еден начин да се стигне до вистината: тој мора да влезе во психијатриското крило на затворот како пациент на тајна мисија. Планот е јасен: нема потреба од насилство, тој сака само признание, последна шанса да си го пронајде синот. Но како и во секоја книга на Фицек, ништо не е така како што изгледа…
Светлината што ја изгубивме (Џил Сантополо) Тој е првата личност што ја инспирира, што ја трогнува, што вистински ја разбира. Дали е судено да биде и последната? Луси мора да донесе одлука што ќе ѝ го смени животот – но за да може да ја донесе таа одлука, прво мора да ја раскаже нејзината приказна – нивната приказна – од самиот почеток. Луси и Гејб се запознаваат на факултет, на ден што засекогаш им ги менува животите на двајцата. Заедно решаваат дека сакаат нивните животи да значат нешто, да постигнат нешто важно. Кога повторно се сретнуваат година дена подоцна, личи на судбина – можеби ќе го најдат своето животно значење еден во друг… Но тогаш, Гејб станува фоторепортер кој добива задача на Блискиот Исток, а Луси гради кариера во Њујорк. Она што следи е тринаесетгодишно патување на соништа, желби, копнежи, љубомори, предавства и, пред сè, љубов. Дали судбината ги има споено? Дали по свој избор се имаат одвоено? Нивните патувања ги носат Луси и Гејб на различни континенти, но никогаш не можат да ја извадат неа од неговото срце и него од нејзиното.