Убави книги и филмови

Три супер интересни книги

Предлог книги за убав ден! 

Жртвување со оган (Лепа Гештаковска Христовска) Младата Микаела останува сираче за време на Првата светска војна. Едвај преживува од ден за ден, питајќи по улиците и копнеејќи за топла постела и безбеден покрив над главата. Бидејќи нема друга опција, веднаш се согласува да замине кај тетка ѝ за да има кој да се грижи за неа. Но ни нејзината тетка, како нејзина единствена блиска роднина, не е пресреќна што треба да ја прими во својот дом, па веднаш ѝ става на знаење дека нема да биде гостинка таму, туку ќе треба да си го заработува лебот и престојот со макотрпна работа. Но, животот продолжува да ја казнува и измачува. Работите се комплицираат и таа мора да се омажи за човек речиси двојно постар од неа. Принудена повторно да ја прифати својата тешка судбина, се помирува со бракот без љубов. По неколкугодишен брак, избувнува Втората светска војна. И животот по којзнае кој пат ја доведува на раб на преживување, принудувајќи ја да ја донесе најтешката, а воедно и најстрашната одлука во нејзиниот живот.

Закопана вистина (Далибор Трајков) ВО СЕГАШНОСТА…
Софија има прекрасни родители кои ѝ пружиле сѐ што можеле и секогаш се грижеле да има убаво детство, среќен живот и родителска љубов. Тие исто така уште од рана возраст биле искрени со неа и таа знае дека била посвоена како бебе. Но тоа никогаш не можело целосно да ја пополни празнината во неа и да го изгасне копнежот да ја открие вистината за своето потекло, да дознае кои се нејзините биолошки родители и зошто се откажале од неа. Но се плаши дека таа вистина е премногу длабоко закопана и дека можеби никогаш нема да ја открие… ВО МИНАТОТО… Пред повеќе од дваесет и пет години, Наташа и Александар се запознаваат во Охрид и помеѓу нив веднаш се раѓаат силни симпатии, а набрзо и уште посилни емоции. Но Александар има тежок живот, особено по смртта на неговиот татко; сега тој е мажот во куќата и мора да се грижи за неговата мајка и неговата помала сестра. Иако навистина ја сака Наташа, кога во неговото семејство продолжуваат да се нижат трагедии, тој не може да си дозволи да ја стави нивната љубов на прво место.

Здравица (Саша Богдан) Здравица е новела за една посебна генерација, генерацијата на Мака, родена за време на Тито и растена во време на транзицијата. Почнува со раѓањето на Мака, кога кумот пивнува малку повеќе, па категорично одлучува на новороденото бебе да му го даде името Македонка, на незадоволство на родителите. Вечерта завршува со здравица на која Мака ќе се навраќа со доза на љубов, хумор и тага во текот на целиот свој живот: „Тито, Југославија, Македонија и Македонка ќе бидат вечни!“. Преку допадливиот лик на Мака, низ нејзиното детство и младост се навраќаме на животот во Југославија, а потоа со нејзиното созревање, преку низа интересни лични доживувања, во позадината суптилно ги следиме промените во Македонија. Со многу хумор и емоции, Саша Богдан евоцира мноштво спомени кај сите нас и нема кој нема да се пронајде барем малку во приказната на Мака, приказната за животот во нашата државичка. Но приказната на Мака не е само приказна за животот во Македонија или во Југославија – приказната на Мака е приказна ЗА ЖИВОТОТ. За подемите и падовите, за радостите и солзите, за надежите и стравовите, за љубовта и разочарувањата, за семејството и пријателствата… Оригинална, духовита и многу емотивна – едно е сигурно: многу одамна не сте читале нешто слично!

Поврзани статии

Back to top button