Тебе те барав цел живот, и проклето добро изгледаш!
Дај ми јако сирење, онакво што мириса до коска…и сакам убаво вино во кристална чаша. Вкусот на боровинки да го осетам по непцава, да ми ги надразни сетилата, да го скокотка грлово и да се задржи сѐ додека не го голтнам…
Дај ми љубовник што ја отвара вратата на сила и во занес ме бутка на ѕид, ми ги држи рацете кренати високо и ми го бакнува секој сантиметар од телово ежејќи ја кожава.
До лудило.
Додека не почнат да ми се тресат нозете, а бакнежите да се лизгаат низ сите рушевини низ душава…
Преку глава ми е од светците на моето минато…
Сите оние кои ми даваа инструкции како да живеам…
По ѓаволите со следниот свет и сите паднати ангели како потсетници дека ништо не е вечно, па ниту вечноста.
Го сакам овој свет, сега и тука!
Сакам да влезам во океан, да осетам како песокот залепен за стопалава навлегува во секоја пора додека оставам отисоци по него…
Сакам ладен бран да ми ја погали кожата, со својата јачина да ме повлече како скршено стакло, да ми го покрие телото и да се повлече, да остави капки измешани со сол за да можам да ги претопам солзите во него…И сакам да одолеам. Сакам да можам да одолеам на сите лажни ветувања, на сите погрешни шепотења во празна соба, во барови кои мирисаат на ефтини цигари и алкохол што ја поматува стварноста. Сакам да можам да одолеам на вештачки насмевки што ми ја крадат сигурноста, на болка и распарување повторно и повторно…и повторно…
Сакам да легнам некаде и да патам за љубов се додека патењето скоро не ме убие.
А потоа…
Да станам, да ги избришам од лицево сите погрешни допири, да се нашминкам со насмевка, да го облечам на себе малиот црн фустан и да чекам…
Да чекам на тебе.
Да чекам да се појавиш, да легнеш до мене, да ме одведеш до илјада оргазми надвор од овој свет.
…и додека испушташ дим од цигара да речеш- Тебе те барав цел живот, и проклето добро изгледаш!
Маја Спасовска