Максимално интересни и возбудливи книги кои ќе ве освојат уште на прва страница
За денес одбравме три максимално интересни и возбудливи книги кои ќе ве освојат уште на прва страница, а вниманието ќе ви го задржат се до последната страна.
Сите твои совршености (Колин Хувер) Колин Хувер се надминува себеси со моќна приказна за еден разнишан брак и едно старо, речиси заборавено ветување што би можело да го спаси.На совршената љубов на Квин и Грахам ѝ се заканува нивниот несовршен брак. Спомените, грешките и тајните што се трупале низ годините сега ги влечат на различни страни и уште повеќе ја зголемуваат дистанцата меѓу нив. Единственото нешто што би можело да ги спаси е токму онаа работа што ги има донесено до работ на пропаста. Сите твои совршености е срцепарателна, емотивна и моќна приказна за пар чија потенцијална иднина се држи на шарките на ветувањата дадени во минатото. Додека без престан ги голтате страниците, ќе се прашувате: Може ли една силна љубов со совршен почеток да живее цел живот меѓу двајца несовршени луѓе? Ако ви се допадна нејзината „Ова завршува со нас“, тогаш сигурно ќе ве освои и нејзиното најново ремек-дело.
Песната на речните птици (Лиса Вингејт) Книгата е базирана на вистинска приказна за еден од најморничавите светски скандали во кој директорка на здружение на сиропиталишта киднапирала и продавала сиромашни деца на богати семејства низ цела Америка. Мемфис, 1939. Дванаесетгодишната Рил Фос и нејзините четири помали сестри и братче имаат прекрасен живот на нивниот семеен брод-куќа на реката Мисисипи. Но една вечер, за време на страшна бура, кога татко им мора да ја однесе нивната мајка во болница и ја оставаат Рил како најголема да ги чува помалите деца, одеднаш се појавуваат непознати луѓе. Децата од семејството Фос се нагло и злобно оттргнати од сè што им е познато и завршуваат во сиропиталиште. Иако таму ги уверуваат дека наскоро ќе бидат вратени кај нивните родители, тие набрзо ја сфаќаат мрачната вистина. Соочена со злобата на директорката на институцијата, Рил се бори да не дозволи нејзините сестрички и братче да бидат разделени. Јужна Каролина, сегашност. Ејвери Стафорд е родена во богато и привилегирано семејство, па има сè што може да посака: успешна кариера како обвинител, згоден вереник и раскошна свадба на повидок. Но кога Ејвери се враќа дома за да му помогне на татко ѝ во здравствена криза, една случајна средба ѝ буди рој прашања и ја тера да започне патување низ долго криеното минато на нејзиното семејство. Оваа прекрасна приказна на Лиса Вингејт ни покажува дека иако животните патишта можат да нè однесат на многу различни места, срцето никогаш не заборава каде припаѓаме.
Душокршачот (Себастијан Фицек) Тој не ги убива, не ги силува, не ги измачува… Неговото злосторство е многу, многу полошо. Три жени – млади, прекрасни, полни со живот – исчезнуваат без трага. На психопатот, кој медиумите го нарекуваат „Душокршачот“, му е потребна само една недела да ги уништи. До седмиот ден, жените се ментално мртви, како тела без душа. Никој не знае што им прави, но тие се како живи мртовци. Кратко пред Божиќ, Душокршачот повторно напаѓа, но овој пат во една ексклузивна психијатриска клиника. Докторите и пациентите се испаничуваат кога сфаќаат дека во клиниката е примен тежок, насилен психопат, особено затоа што никој не знае кој е тој. Од друга страна, страшна снежна бура тотално ја отсекува изолираната клиника, па сите остануваат заробени внатре – со нефункционални телефони – заедно со Душокршачот. Заробени во клиниката, вработените и пациентите се здружуваат за да се заштитат, но во една ноќ полна со незамислив терор, Душокршачот им покажува дека никој не е безбеден и дека ништо не е така како што изгледа. Уште едно ремек дело на Фицек, чиј крај никој нема да може да го предвиди.