Подаруваме книга!
Слана – Душко Трифуновски
Краток извадок од потресната исповед на несреќниот скапан труп:
Злате: Никој не ми е виновен. Ниту Стојна, ниту децата… Самиот сум виновен.
Докторот: Каде ја гледаш сега најголемата грешка?
Злате: Не постои една грешка. Постојат безброј ситни грешки, кои ме сотреа до корен. При очи сум бил слеп. Сега сум прикачен за ланци на ова дрво овде, за уште малку да го гледам сонцево дури свети. Стравувам од следната есен, да не ме изгори до корен…
Станува збор за драма „Слана“, како второ драмско издание на истоимениот роман, издаден во 2015 год. Совршена приказна за миленици на семејната драма.
Приказната за современото семејство на цврстиот столб на куќата, таткото Злате, се исплетува во низа сакани и несакани ситуации во кои на виделина ќе излезе погрешното воспитување на родителот. Децата не се играчка, та да бидат навиени на батерии и да размислуваат само на чувањето пари. Има убавини и надвор од портата. Но, дали тие убавини ќе го чинат многу дрвото на Злате?
Каде ќе му заминат гранките? Ќе ги изгори ли сланата?
Зошто замина во неповрат совршената слика на неговото семејство? Поради чија грешка?
Болната приказна на родителот за трнливиот пат на децата е прикажана во 65 страници, со ѓаволско осмислен заплет, а крајот… непредвидлив до последната страница.
Драмата Слана има метафоричко значење, но воедно е и совршен приказ на современо семејство кое навидум изгледа среќно, но тоне сè повеќе и повеќе.