Книги со кои вреди да ја започнете 2018!
Започнете ја годината со читање и откривање на нови интересни и супер возбудливи книги!
Светот на рамена (Џенифер Нивен) Сите мислат дека знаат сè за Либи Страут, но никој никогаш не се обидел да погледне подлабоко во неа и вистински да ја запознае. По ненадејната смрт на нејзината мајка, Либи се затвора дома, но сега таа е подготвена: за средното училиште, за новите пријатели, за љубовта и за СЕКОЈА МОЖНОСТ ШТО И ЈА НУДИ ЖИВОТОТ. Сакам да бидам девојката која може да стори сè. Исто така, сите мислат дека знаат сè за Џек Маселин. Да, тој е секси и фраер во секоја смисла на зборот. Но, зад неговата самодоверба, тој крие тајна што мора да ја чува во себе по секоја цена. Биди шармантен. Биди проклето пресмешен. Не зближувај се со никого. Тогаш Џек ја запознава Либи. И нивните светови се менуваат. Бидејќи понекогаш, кога ќе запознаете некого, целиот свет доаѓа во фокус. Џенифер Нивен ни дава уште една потресна и возбудлива љубовна приказна за пронаоѓањето токму на онаа личност што ве гледа и ве сака такви какви што сте.
И така, ви велам… (Џон Клиз) Автобиографијата на Џон Клиз, И така, ви велам…, е сето она што се очекува од нејзиниот автор – луцидна, промислена, провокативна и пред сè – забавна историја за тоа како едно високо, срамежливо момче од Вестон-супер-Мер стана своевидна легенда. Во овој интензивен и реномиран мемоар, Клиз ги води читателите на една голема турнеја низ неговиот подем во светот на шоу-бизнисот поаѓајќи од скромните почетоци во сонливиот роден град и раните комични денови на универзитетот Кембриџ (во друштво на идниот партнер во славните „Монти Пајтон“, Греам Чепмен) до основањето на прочуената комична група што ќе му донесе светска слава. Низ изненадувачки приказни и смешни дигресии со кратки попатни поетички паузи за тоа што е смешно, според една своја издржана дефиниција, и зошто е така, Клиз ја раскажува личната метаморфоза од млад комичар во мајстор на изведбата.
Жена, стан, роман (Вилхелм Генацино) Во романот „Жена, стан, роман“ Генацино го раскажува развојниот пат на едно момче од неуспехот во школувањето до неговиот развој во писател. Дејството е сместено во шеесетите години на минатиот век , во „неименуван индустриски град во Германија“, а содржи и автобиографски елементи. Насловот ги означува трите животни цели на протагонистот, чие име е Вајганд. Романот завршува со одлука на нараторот да си даде повеќе време и да стане набљудувач на сопствениот живот. Се отселува од заедничкото живелиште со родителите и изнајмува стан. Приказната се заокружува со „будење на првиот збор“ од неговиот авторски роман.