Убави книги и филмови

Ќе го задржат вашето внимание – предлог три книги

За денес избравме три супер интересни и емотивни книги со приказни кои ќе го задржат вашето внимание се до последната страница.

Се гледаме во Хавана (Шанел Клитон) Страсна и емотивна ода за убавината и за трагедијата на Куба, која е разорена од војна. Хавана, 1958 година. Исабел, Беатрис, Елиса и Марија, прочуените сестри Перес, се ќерки на кралот на шеќерната династија. Додека мажите од семејството Перес се посветени на судбината на земјата или се на страната на Батиста, тие безгрижно растат во луксузот и во богатството на високото друштво. Но, набрзо граѓанската војна се разгорува и во срцето на Хавана: на сцената на животот, еден свет се гаси, друг се раѓа во исто време, а Елиса почнува жешка авантура со еден млад револуционер, полн со идеали.
Шеесет години подоцна, внуката на Елиса, Марисол, се враќа во Хавана, каде што ја дочекува вечната убавина на зовриената Куба, но и опасна политичка ситуација. Додека трага по вистината за своето семејство, неодоливо ја привлекува еден таинствен маж – човек чиишто тајни можат засекогаш да ѝ го сменат животот. Мојата Куба веќе ја нема, ја разорија ветриштата на револуцијата. Време е да ја откриеш својата Куба.

Севдалинка (Ајше Кулин) Кој знае, можеби беа од иста раса, можеби имаа исто потекло. Беа на иста возраст, имаа сличен стас. Ја сакаа истата жена. Нивните предци сакаа да стасаат до истиот господ, но од различни патеки, бидејќи едниот беше Бошњак, а другиот хрват. Тоа не беше нивен избор, исто како што не можеа да ја изберат војната и своите судбини. И немаа никакви очекувањаод утрешниот ден, освен спасот на детето во амбулантната кола…

Те молам, внимавај на мама (Кјонг Сук Шин) Секој има потреба од својата мајка, без разлика кој е и колку години има… Парк Со-нјо, мајка на пет возрасни деца, доаѓа во Сеул да ги посети. Но, на преполната железничка станица, ѝ се губи секаква трага. Од перспектива на ќерката, најстариот син, сопругот, но и самата Со-нјо, ја разоткриваме сложеноста на меѓучовечките односи и ја запознаваме жената што целото свое постоење, без оглед на скриените желби и копнежи, се посветила само на децата. Четири приказни и четири перспективи – загуба, бес, вина и жртвување – ни откриваат вител од чувства што испливуваат по таинственото исчезнување на една мајка и жена. Но, ова не е приказна за една мајка, туку за многу мајки што повеќе се „наши“ одошто „свои“, за жените чиј живот се крунисува кога семејните нишки се олабавуваат, а децата тргнуваат по своите патишта.Некои книги имаат моќ да нѐ менуваат, да го променат начинот на кој се доживуваме себеси и начинот на кој се однесуваме кон најблиските. „Те молам, внимавај на мама“ е една од тие книги. Таа може да ни послужи како опомена дека важните личности во нашиот живот не треба да ги земаме здраво за готово, таа предизвикува дури и непријатни спомени, вина и тага, не стресува до срж. Оваа книга претставува праг: кога еднаш ќе го поминеме, веќе нема да бидеме исти.

Поврзани статии

Back to top button