Три книги кои вредат да ги прочитате
И денес одбравме предлог три книги кои вредат да бидат прочитани. Читајте секогаш и секаде!
Скопјани (Гане Тодоровски) „Оваа книга е мал колаж од песни и други стихозборја и тивкозборја, игрозборки и зборограпки, сонофатки и досеќавалки, слова, записи, документи, препеви паметења, и уште други зборовни итроштини, врзани исклучиво за Скопје и за скопјани“ ќе напише Гане Тодоровски во белешката кон Скопјани, што можеби неслучајно се наоѓа во средсрцето на оваа книшка. Низ овие стихувани страници со документаристичка вредност, поетот пее за конкретни теми, објекти и личности сместени во реалистична просторно-временска рамка каде што опеаното се актуализира. Овде поетската слика е отворена и согледлива, што ја прави оваа поетска збирка комуникативна и читлива и надвор од својот контекст.
Да се почне одново (Драган Клаиќ) „Ова не е книга за преживување на театарот во период на економска рецесија – макар што сенките на кризата постојано се надвиваат во поглавјата што следуваат – туку е книга за самиот поим институционален театар, некомерцијален и, оттука, субвенциониран; за неговите препознатливи доблести, вредности и за придобивките што ги носи тој.“ Вака пишува реномираниот театролог и културен критичар Драган Клаиќ во својата луцидна, аргументирана и елоквентна полемика за одбрана на доблестите на институционалниот театар. Под притисок на економијата, глобализацијата и културната индустрија, институционалниот театар сè повеќе личи на неговиот двојник, комерцијалниот театар, и некритички го прифаќа неговиот модел. Од друга страна, и покрај субвенциите што ги добива, тој не може да го пронајде моделот што ќе му овозможи правилно да функционира и да го прави тоа што го знае најдобро: да експериментира, истражува и критикува. Веднаш се наметнува прашањето што да се прави? Книгата Да се почне одново на Драган Клаиќ дава многу конкретни одговори на ова прашање и вешто се движи помеѓу минатото и сегашноста, идеалите и стварноста, уметноста и економијата, културата и културната политика – и се наметнува како задолжително четиво за сите оние што се интересираат за судбината на театарот во XXI век и се активни чинители во создавањето на неговата иднина.
Мртвите знаат најдобро (Владо Јаневски) „Каде е линијата меѓу сонот и јавето?“ е најрелевантното прашање во Мртвите знаат најдобро, што му го поставува имагинарниот лик Ичиро на неговиот создател – Фуриозо, за да додаде веднаш потоа: „Се надевам дека сега ви е јасно дека сонот и јавето се еднакво реални и важни“. И, воопшто, целото дејство во романот се движи по тенко јаже, оптегнато меѓу реалноста и измислицата, додека во меѓупросторот се случува бизарниот живот на синот Фуриозо и таткото Шикамото, кои се занимаваат со бизнис на платени убиства. Овој роман, што потсетува на делата на популарниот современ писател Харуки Мураками, е луциден, игрив и забавен, но истовремено проникнува и во многу морални и етички прашања, што му дава особена вредност. Сценаристичкиот пристап на авторот и доминантната дијалошка форма се пресудни дејството да се доживее поблиско и понепосредно, што предизвикува вистинско читателско уживање.