Убави книги и филмови

Трилер книги кои сигурно нема да ве остават рамнодушни

За денес, одбравме листа на книги во кои ќе се вљубат сите оние кои обожаваат трилер приказни.

Украденото дете (Санџида Кеј) По неколку неуспешни обиди за свое биолошко бебе, Оли и Зои добиваат повик дека конечно ќе станат родители. И покрај предупредувањата од службените лица и лекарите да не ù даваат име на својата ќерка, бидејќи така само би им било потешко, Оли и Зои не ги послушуваат. Одлучуваат да ù дадат име Евелин Кетрин Морли или нагалено Еви. И покрај сите можни ризици, за тоа дека може да има оштетување на мозокот или дури и да почине поради предвременото раѓање, доволни се само неколкуте зборови од сопругот: „Сè ќе биде во ред“. Но, дали навистина ќе биде така? Дали Еви има фетален алкохолен синдром? Дали ќе биде спасена, бидејќи е бебе од мајка-зависничка од дрога? И кој е Бен, бумбарестиот рус херувим од фреските на Микеланџело?…

Морам да знам (Карен Кливленд) Овој психолошки трилер од „ЦИА инсајдер“ навистина ќе ве заледи. Во потрагата по руски шпионски круг во Америка, една аналитичарка од ЦИА открива смртоносна тајна што ќе ја преиспита нејзината лојалност кон Агенцијата, но и кон нејзиното семејство. Што би направиле кога сè во што имате доверба излегува дека е лага? Вивијан Милер. Врвна аналитичарка во ЦИА, среќно омажена со сопруг што го обожава, мајка на четири прекрасни деца. Но, во еден момент, таа открива нешто толку страшно, што почнува да се сомнева во сè околу себе. Вивијан е решена да ја одбрани својата земја од сите непријатели, странски и домашни. Но, сега, соочена е со невозможен избор. Растргната меѓу лојалност и предавство, соработка или проневера, љубов или сомнеж. Кому да верува? Не пропуштајте го „Морам да знам“, роман преведен на повеќе од дваесет јазици ширум светот, од кој се подготвува и филм со Шарлиз Терон во главната улога.

Сестрата (Луиз Џенсен) По смртта на најдобрата пријателка Чарли, Грејс веќе не е иста. Ја прогонуваат последните зборови на Чарли, и во потрагата по одговори, отвора една нејзина кутија со спомени. Наскоро, открива дека има многу нешта што не ги знае за нејзината најдобра пријателка. Се појавуваат нови личности, нови приказни, нови верзии на настаните, и веќе ништо не е како порано. Сите се однесуваат чудно, некој како да ја следи, и Грејс веќе не знае што е вистина, а што фантазија. Колку што доаѓа поблиску до тоа да ја открие вистината, Грејс е во се поголема опасност. Дали Грејс можеше да ја спаси Чарли? Или не? Возбудлив психолошки трилер со неочекуван пресврт, Сестрата на Луиз Џенсен е добитник на одлични критики и е продаден во илјадници примероци.

Поврзани статии

Back to top button