Убави книги и филмови

„Со ист здив умираат љубовниците…“

Романот на Венко Андоновски, „Вештица“ е една од оние книги кои ги имам прочитано неколку пати, ќе ја прочитам уште неколку пати. Ја имам и во неколку примероци, еден што си го купив, другите три ги добив на подарок. И секој ми е драг. Таа е книга која е мој постојан придружник на сите патувања низ светов. Ја читам додека патувам во автобуси и авиони, ја читам кога не можам да заспијам, ја читам кога сум среќна, ја читам кога сум тажна. „Вештица“ е роман во сурова состојба, приказна за една жена која ги прекршува општествено прифатените норми, за историјата и нејзините тажни моменти, за љубовта која оган не може да ја изгори, за светлината која понекогаш е во најтемните ноќи, за вербата…

Се одлучив денеска со вас, да споделам неколку цитати од книгата кои се надевам ќе ве натераат да ја прочитате.

„Оној кој никогаш не се сомнева, тој не верува вистински: тој само обожува. Верува во се што ќе му се каже. И ако налета на ѓаволот, ќе му поверува и нему. Вербата без сомнеж е слепа блудница, оти може да ги менува објектите на вербата без причина, ред и правило. И без љубов, оти се верува само кога се сака она во што се верува. “

“Секое патување е по малку и умирање. Низ врата почнува секое патување, а смртта, како и љубовта е врата. Два пламени разделени, еден зад прагот, еден далеку од прагот; ако биле слаби, ветрот ќе ги згасне. Ако биле силни, само ќе ги распламти уште повеќе!”

“Што се сите наши години, што се годините на еден старец во споредба со годините на сонцето и месечината, што се тие доби ако не – само еден ден?”

“Пламенот кога се дели, се умножува како и љубовта, мил мој; оган е љубовта, оти колку повеќе го даваш, толку повеќе го имаш.”

“И кога палат книги, тие не ги уништуваат мислите, туку само хартијата на кои тие мисли се запишани.”

„Љубовта не е милостина. Кога даваш милостина, се откажуваш од златник; кога даваш љубов се откажуваш од себе. И раката која го прима златникот, брза да го потроши; раката која го прима подареното срце брза да го сочува.“

„Книгата е страсна оти копнежот го опишува: несреќен си додека копнееш по целото, како оние први редови во таквата книга; и колку расте копнежот по значение, толку растат и редовите, за конечно среќата да биде еден миг, редот среден, најисполнет; и потем пак копнежот се гаси додека не исчезне. И така се одново, со секоја нова страница: копнеж, миг, среќа и гаснење на копнежот…“

“Љубов постои. Не секаде, не секогаш, но постои. Тоа е најважниот личен вселенски настан: како пронаоѓање на опашеста ѕвезда, твоја опашеста ѕвезда која никој друг не ја гледа.”

“Со ист здив умираат љубовниците. Со ист здив умираат оние што макар еднаш, во еден миг се љубеле.”

 

Поврзани статии

Back to top button