Психолог Ангелина Василевска: Во човекот ништо толку долго не живее како неостварената желба
Секој човек има желби. Тие се негова надеж, негови двигатели за иднината. Стремежи, насочувања, поттикнувања. Му даваат
смисла на животот. Желбите се акција која го поттикнува човечкиот ум да мисли за да ги постигне, а реакција на нашата
потсвест и имагинација.
Желбите можат да бидат реализирани и нереализирани. Остварените желби ги гледаме како постигнат успех, како
реализиран сон или план. Тие се наша сила, често, дел од нив си ги припишуваме на нашата моќ и способности. Со
остварените желби се чувствуваме задоволни, едноставно, тие ни носат радост и среќа. Се гордееме со нив. Желбите исто
така придонесуваат за нашиот личен развој. Секоја остварена желба позитивно влијае на подобрување на нашата психа,
духовно не поткрепува, ги збогатува нашите сетила.
Меѓутоа уште поинспиративни за нас се неостварените желби. Тие се наши мотиви, а исто така ни даваат уште поголема сила
и надеж да се стремиме кон нивно реализирање. А честопати нереализираните желби ни предизвикуваат и чувства на
немир и тежина, фрустрација, чувство на напнатост, емоционална болка, обесхрабрување, разочарување, безнадежност и
очај, но и покрај тоа, се обидуваме по секоја цена да ги оствариме. Пронаоѓаме различни начини за да го постигнеме тој наш
стремеж. Правиме планови, вложуваме труд и енергија, се насочуваме кон нив. Тие за нас се како несопирлива страст која не
тера да дадеме се од себе за да почувствуваме спокој т.е да го исполниме замисленото и посакуваното. Секоја неостварена
желба опстојува во нас, се всадува во нашите души како копнеж, како нешто кое што мораме да го добиеме по секоја цена, и
најчесто не сме спокојни се додека не го постигнеме тоа. Сите желби се плод на нашата фантазија, барање нешто или некого.
Духот на секој човек е составен од желби, затоа, секој од нас ги поседува и се стреми да ги оствари. А како што и претходно
напоменав токму неостварените желби се тие кои што не мотивираат да не се откажуваме, тие се наше утринско будење,
наши вечерни соништа. Нашите желби се наша душевна храна која ни дава сила и смисла на животот. Желбите се наши
животни патокази, бидејќи тоа што замислуваме да го оствариме, тоа и го чувствуваме. Токму затоа никогаш нема да се
откажеме од нив, и ќе се потрудиме да си го реализираме зацртаното.