Предлог книги за убав ден!
За денес одбравме предлог три книги кои ќе го задржат вашето внимание се до последната станица.
Убиј го таткото (Сандроне Дациери) Единствениот кој може да го запре е единствениот кој му има побегнато… Данте Торе поминал единаесет години во заробеништво – затворен во бетонските ѕидови на силос од страна на човек познат само како Таткото. Но успеал да го надмудри киднаперот. Сега работи за полицијата во Рим и неговите методи се малку невообичаени, но неговата генијалност е очигледна. Кога една жена е обезглавена во парк во околината на Рим, а нејзиниот шестгодишен син исчезнува, полицијата наоѓа лесно решение: го апсат сопругот на жената и чекаат негово признание. Но началникот на полицијата се сомнева дека работата е толку едноставна. Па намамува двајца врвни аналитичари, кои важат за едни од најспособните детективи во Италија, да помогнат во решавање на сложениот случај: бестрашната детективка Коломба Касели и Данте Торе. Торе мора да се соочи со демоните од минатото за да се обиде да го реши овој случај. Сите докази упатуваат на тоа дека Таткото повторно е активен по декади криење… и дека сака повторна средба со Данте.
Основно правило за успех: кумулативниот ефект (Дарен Харди) Без евтини фори. Без преувеличувања. Без магични стапчиња. Според Дарен Харди постои само еден, многу едноставен и функционален принцип за успех, без оглед на кое поле во животот сакате да напредувате. Ако сте сериозни дека сакате да живеете исклучителен живот, тогаш искористете ја моќта на кумулативниот ефект за да го постигнете успехот кој го посакувате. Оваа книга се базира на принципот дека одлуките што сите ги носиме во животот се оние кои ја обликуваат нашата „судбина“ и нашиот пат во животот. Малите секојдневни одлуки или водат до живот каков што сите посакуваме или пак до катастрофа. Дарен Харди, авторот и издавач на списанието УСПЕХ, направил збир на основните принципи кои се заслужни за најфеноменалните достигнувања во бизнисот, врските и општо во сите аспекти на животот. Оваа книга треба да ја прочита секој кој копнее по нешто, без разлика дали тоа се однесува на подобра кариера, поуспешни и поисполнителни љубовни врски, подобро физичко здравје и тело, раст и усовршување или кој било друг аспект… бидејќи е како оперативен систем кој ви овозможува да го умножувате вашиот успех, да го бележите напредокот и да постигнете сè што сакате во животот.
Психосоматика (Билјана Велковска) Книгата ги осветлува двете страни на паричката наречена човек. Од едната страна се чувствата, субјективни и тешки за дефинирање, но многу проучувани, кои претставуваат огромен дел од човековото искуство. Од другата страна е физичкото функционирање и здравјето, што традиционално и погрешно се разгледува одделно од емоционалниот живот. Двете приказни неизбежно конвергираат за да го доловат човекот, во кој на неверојатен начин се испреплетени психичкото и физичкото. И, иако терминот психосоматика некои луѓе можеби си го поврзуваат со замислена болест, овде ќе покажеме дека чувствата и мислите можат да нè разболат или да нè излекуваат на мноштво начини, што дефинитивно не се само „во нашата глава“.