Убави книги и филмови

Предлог книги за убав ден

Зора зад аголот (Димитар Солев) За разлика од некои, што се родени со среќа па фрлени на буниште, јас сум роден на буниште и фрлен на среќа. Буништето е меана, а среќата град…“ Вака ја почнува својата приказна безимениот наратор со презиме Колиштрк, кој од безбедната позиција на балконот, каде што се чувствува „ни на небо ни на земја“, низ самоделски перископ од огледалца, го набљудува животот на намерниците во меаната на неговиот татко – „Зора“. Преку симболот на перископот, овој роман – што е парадигматичен за модернистичките тенденции во современата македонска книжевност – автореферира на писателскиот занает. Тоа се потврдува и со последната реплика во романот: „…нема ништо поубаво од убивање на времето; макар и со ѕиркање во туѓи животи, додека не си го имаш својот“. Помеѓу почетната и крајната точка, пак, се простира современа хроника за градот Скопје од втората половина на 20 век, метонимиски претопена во историјата на славната „Зора“ зад аголот, која е и симболичкиот архив на предземјотресно Скопје.

Париската библиотека (Џенет Скеслик Чарлс) Годината е 1939-та, а местото е Париз. На младата, убава и амбициозна парижанка Одил Суше сè ù оди од рака: ја добива својата работа од соништата во Американската библиотека во Париз и почнува љубовна врска со згодниот и либерален полицаец Пол, кој ја сака и ги поддржува нејзините соништа и амбиции. Но, Германија секавично напредува во војната, а Париз е под опсада и преполн со нацистички војници. Сè што на Одил ù е драго, вклучувајќи ја и Американската библиотека, може да исчезне секој момент. Годината е 1983-та, а местото е малото гратче Фројд во Монтана. На тинејџерката Лили ништо не ù оди од рака. Непопуларна е на училиште, не може да го освои момчето кое го посакува, а мајка ù одеднаш тешко се разболува. Но, тука е нејзината софистицирана и образована сосетка со странско потекло со која полека се зближува. Таа со нејзиниот ум и со нејзиното однесување отскокнува од здодевното секојдневие на малиот град, а нејзиниот живот и минатото се обвиткани со мистерија и тајни. Лили не знае колку тие тајни засекогаш ќе ù го сменат животот. Романот „Париската библиотека“ од Џенет Скеслин Чарлс е интересна и возбудлива приказна, полна со љубов и драма, тажни и среќни човечки судбини. Исто така, тоа е роман за книги и роман за неочекувани херои и хероини – за тоа како книгите можат да ни го сменат животот, а како читателите можат да го сменат светот.

Лулу (Јана Мишо) Хумор, метал и книжевен салон во приказна за девојка што работи во една од последните класични ковачници во градот. Откако ќе избега од живот до кој не може да си објасни како стигнала, Лулу решава да се затвори над чекан и наковална, без некоја посебна возбуда и, се разбира – не ù успева. Влегува во свет на преиспитување, самобендисани автори и Гертруд Стајн. На лажни и вистински луѓе, на неочекувани ракописи и комплицирани односи. Приказна во која жените немаат време да размислуваат дали живеат во машки свет, напротив – сами се спасуваат.

Поврзани статии

Back to top button