Од насУбави муабети

Поезија за убав ден

БАЛАДА ЗА НЕПОЗНАТИОТ

Натаму – в поле битолско
чемрее врба проклета –
под врбата незнаен гроб,
в гроб лежи војник непознат.
Лежи од војна световна,
лежи — и веќе земјосал —
силно го тага изела
задека тука загинал.
Никој крај него немаше –
вишното небе врз него,
земјата скришна под него,
над гробот врба стушена.
А таде – в гори зелени
в сума гробишта лежеа
делии – одбор јунаци
за татковина паднати.
В полноќ се над ним дрвјата
од жалба силна свиваа –
горските бистри езерца
в силна светлина светеа.
И од ним – самовилите
една по една идеа –
од гроб до гроб го дигаа
јунак до јунак – на оро.
И кога сите минеа
покрај врбата стушена –
делии се запираа
незнаен брат си викаа:
„Ја стани, море јабанец
на оро со самовили!
Зора се зори – петлите
скоро ќе в село пропеат!”
А тој од гробот тепкаше
дума врз дума чемерна: –
„Минете, браќа, врвете,
не сум ви лика – прилика!
Кој умрел за татковина
и за човечки правдини –
каде вас, братко, не гинел,
со вас до векот живеел.
Вие му песна пеете,
вие го с песна жалите –
така се сите раѓате
и така си умирате!
А тука – зошто паднав ја?
зошто ме куршум прониза,
зошто ме земја притисна –
за кого лудо загинав?
Кажете, браќа, кажете,
кажете – па поминете –
мене ме ништо не дига,
мојата смрт е – карасмрт!”
Делии глави веднеа,
немеа самовилите –
тешко на тија, горко им
така што гинат на војна!
Немеа – туку петлите
в селото веднаш писнаа –
самовилите в горите
с делии в раци лиснаа!
Пусто остана полето,
пусто зазори зората –
чемрее в поле врбата,
чемрее – тажи непознат.

Кочо Рацин

Поврзани статии

Back to top button