Лисабон, град кој дише заедно со вас
Ако се прашувате која да биде вашата следна дестинација – тоа нека биде Лисабон. Уште при самото спомнување на овој топоним се предизвикуваат воздишки, особено кај оние што веќе го посетиле и едвај чекаат пак да се прегрнат со најзападната престолнина во Европа. Лисабон е дестинација која на своите посетители им нуди баш сè: богата историја, интересни занимливости, неповторлива гастрономија, пријатна клима и познатата португалска гостољубивост.
Низ историјата, Португалија била позната како поморска земја и една од најзначајните колонијални сили, па така сосема е вообичаено што спомениците кои раскажуваат за подемот на Португалија се и едни од најпопуларните туристички атракции кои се наоѓаат во главниот град на оваа сончева земја.
Што треба да знаете за Лисабон и што е она што не смеете да го пропуштите доколку патот ве одведе токму таму?
За разлика од останатите европски престолнини, курсот на еврото е многу поволен и затоа Португалија претставува интересна дестинација која нема многу да го чини вашиот џеб. Климата е неверојатна и нуди поглед кон сино и мирно небо речиси во текот на целата година.
Лисабон е место кое ќе ве натера на непрестано истражување и откривање. За тоа откривање да биде уште повозбудливо никако не смеете да го пропуштите возењето со градскиот превоз во овој град кое е доста добра организирано и забавно. Можете да бирате меѓу метро, стари трамваји или пак прочуената градска жичара која ќе ве одведе до сите ритчиња над градот. Се разбира, наша препорака се токму трамвајите.
Качете се во трамвајот со број 28 и истражувајте го лисабонското минато. Одете до замокот Sao Jorge кој со своите ѕидини, стрмни скали и прекрасното опкружување ќе ви ги освои сите сетила и ќе ве врати векови назад во времето. Не ја пропуштајте и познатата улица Алфама која се наоѓа позади замокот каде можете да ручате во традиционален ресторан или да ја посетите катедралата која се наоѓа на оваа улица.
Рестораните во овој дел од градот се посебна приказна која мора да се доживее. Многу од нив нудат неодоливи гастрономски дела и настапи во живо на фадо артисти.
Кога станува збор за храната задолжително би требало да ја посетите и славната пекара Fabrica de Pasteis de Belem, која работи од 1837 година и нуди неверојатно голем избор на бели пецива, слатки и солени, кои се едни од највкусните во цела земја. Секој ден пекарата пече помеѓу 20.000 и 50.000 пецива.
Доколку пак, го преферирате лудиот ноќен живот, тогаш морате да го посетите дистриктот Bairro Alto кој се буди кога ќе падне мрак, а заспива во зорите. Овде, се наоѓаат едни од најпознатите лисабонски бароови и ресторани, од ефтини па сè до ултра луксузни и скапи. Ќе сретнете и толпи луѓе кои танцуваат и пијат и под отворено небо.
И за крај, доколку сакате Лисабон да го доживеете во целосна смисла на зборот одете до катедралата Miradouro de Santa Luzia, која се наоѓа на највисоката надмрска висина во градот и уживајте во бескрајниот поглед кон волшебниот Лисабон!