ЖивотУбави совети

Конвулзивни напади кај дечињата – страв на секој родител

Зошто толку страв кај родителите доколку детето има висока температура? Навистина и дали има потреба од стравување доколку детето почне да крева температура над 38,5 С?

Сите родители стравуваат од појава на конвулзија меѓу народот познато како напад или конвулзии. Постојат два вида на конвуилзивни напади: фебрилни (кога се појавуваат при висока температура) и афебрилни (кога и без повишена температура доаѓа до појава на конвулзија или напад).

Првин ќе ги објасниме фебрилните конвулзии и што со нив.Тоа се напади кои се јавуваат во текот на појава на треска и повишена телесна тепература кај децата по првиот месец од животот (обично од 6 месеци до 5 години) во отсуство на инфекција на нервниот систем. Тие се многу честа појава кај детската популација, околу 3-5% од децата доживуваат  една или повеќе епизоди во овој период од животот. Во суштина, тоа е реакција на незрел мозок, моментален скок и потрес или почеток на покачена температура. Иако навидум страшно, во повеќето случаи, тоа е едно транзиторно и безопасно нарушување.

Типичните фебрилни конвулзии не оставаат никакви последици врз мозокот на децата. Тие не се епилепсија и треба јасно да се разликува поради тоа што тие спонтано поминуваат по петата година во повеќето случаи. Ненадејната појава на конвулзии за време на ненадеен скок или при покачена температура кај дотогаш здраво дете, е еден од најдраматичните и најстресен настан за родителите и семејството. Присуството на првиот напад предизвикува паника и страв кај родителите дека нивното дете е на умирање. Изгледот на тоа дете е со фиксиран поглед, превртени очи и тресење на рацете и нозете, неконтактибилно и без свест. Нападот престанува за кратко време. Па заради тоа, стравот е најчестата грешка при кој во паника доаѓа до насилно отворање на устата, прскање или фрлање студена вода на детето, тресење, шлаканици. Сета оваа манипулација претставува ризик дека детето може да биде повредено и  сериозно да се загрози неговото здравје. Што треба да знае родителот во тој момент и како да постапи? Останете смирени колку што е можно. Погледнете на часовникот да ви помогне да прецизно го измерите траењето на нападот. Детето мора да е на безбедно место, на пример на подот, се свртува во странична положба со лицето свртено на страна и главата потпрена на подлактицата, оваа положба спречува голтање на јазикот и навлегување на  плунката и гастричната содржина во дишните патишта. Отежнатото дишење и чудниот начин на дишење се составен дел на конвулзии и не се плашете дека детето во текот на нападот ќе престане да дише или ќе се задуши. Не се обидувајте насилно да ја отворите устата. Не удирајте го, не смеете да го тресете и не истурајте вода на него! Ако нападот не запира по 10 минути, повикајте брза помош. Начинот на третман на ваквите напади е прецизен и се состои од давање на диазепам, лекот се администрира преку анусот на детето и е во вид на супозиторија (чепче). Исто така можно е да се даде, мидазолам спреј кој се прска на оралната слузница. Со тоа ќе се смири и повлече нападот. Ако и по давањето на диазепам, нападот не запира, вториот диазепам може да се даде по 5-10 минути и веднаш потоа детето се носи во најблиската педијатриски институција. Нападот обично брзо запира, но потоа треба да се продолжи со соборувањето на висока температура и да се однесе детето на педијатар за понатамошен третман. Треба да се исклучи постоење на некоја мозочна инфекција, менингитис и друго. Сето тоа го прави педијатарот т.е неуропедијатар кој ја поставува дијагнозата и одредува понатамошен третман. Процентот за подоцнежна појава на епилепсија кај деца со конвулзивни напади е поголем но, не значи дека дете со конвулзивен напад е и претендент за епилептичар. Доколку се појави афебрилна конвулзија тогаш се препорачува задолжителна консултација со неуропедијатар , правење магнетна резонанца со флер на мозокот, ЕЕГ и видео ЕЕГ . Затоа родители, треба да знаете дека треба да ја контролирате температурата и реагирајте навремено. Контрола кај педијатарот треба да е веднаш по препознавање на ваква состојба.

Д-р. Ангелчо Андоновски, специјалист педијатар

Поврзани статии

Back to top button