Од васУбави муабети

Кога ќе остане само темнина и тишина ќе бидам тука…ќе знаеш…секогаш ќе знаеш…некои љубови се засекогаш!

Знаeш да си како ладен, темен, длабок океан распослан под полна месечина, замрзнат како фотографија која отсликува некоја замислена зимска идила…
Луѓето се плашат од твојата убавина, знаат дека ако ти се доволно блиску ќе потонат, ќе навлезат толку длабоко и нема да знаат како да излезат…Ќе им станеш кафез во кој слободни ќе копнеат да те допрат, како што ги подаваат рацете да ја допрат месечината, а длабоко се…и месечината е далеку….
Ти си темен океан, а толку топол...со топлина што продира низ моите сетила, ја загрева душава и прави ерупции во срцево…
Никогаш не те гледам како нив, како луѓето што поминуваат со погледот површно низ твојата убавина…Јас сакам да нурнам подлабоко, најдлабоко во сите твои длабочини…се додека не останам без здив, да престанам да дишам, да си го најдам мирот таму некаде…
И ќе оживем.
Ќе се преродам.
Во тебе ќе ги најдам одговорите, малите парчиња од една совршено замислена слика во душава…
Знам дека некогаш сакаш да побегнеш, во своето срце имаш компас што ги измешал страните и не води никаде…Тоа е волшебно, зошто ти си мојот изгубен остров.
За мене твоите очи се мапа до најголемото богатство, насмевките се патоказ до се’ она од кое другите се плашат, а јас уживам да го барам…
Можеби си на раскрсница помеѓу скршени соништа и скршени срца. Можеби твоите длабочини се толку совршено комплицирани за да не можат сите да те пронајдат, да те допрат, да не те обесчестат…
Ти си темен, ладен, длабок океан…А јас сум месечина, се распостилам низ тебе, ја оставам душава низ се што е твое, продирам со зраци најдлабоко…
И ќе го почувствуваш моето присуство, таков е универзумот.
Ќе ме побараш…
Кога ќе остане само темнина и тишина ќе бидам тука…ќе знаеш…секогаш ќе знаеш…некои љубови се засекогаш.

Автор: Маја Спасовска

Поврзани статии

Back to top button