Убави книги и филмови

Книги кои ќе ги засакате уште од првата страница…

Избравте три книги со интересна содржина. Ќе ве заинтересираат и нема да можете да ги оставите се до последната страница. Па, време е за читање, за љубов, тајни, страст…

Сите цвеќиња во Париз (Сара Џио) Две жени се поврзани низ времето во градот Париз, поврзани со мистериозен дневник и шокантни тајни кои се протегаат од Втората светска војна до сегашноста. Кога Керолајн се буди во една болница во Париз и не се сеќава на своето минато, се разочарува кога дознава дека со години водела тажен, осаменички живот во стан покрај Сена. Кога полека почнуваат да ѝ се враќаат некои бледи спомени од маж и мало детенце, се заколнува дека ќе ја состави сложувалката за својот живот, иако од некоја причина се чувствува како да е во опасност. Полека се спријателува со главниот готвач во едно пријатно ресторанче во близина за да не се опседнува со минатото, како и со една шокантна мистерија од пред неколку декади…Во Париз, окупиран од нацистите, млада вдовица, Селин, си живее мирен живот со татко ѝ, локален цвеќар, и нејзината ќерка, Кози. Кога еден безмилосен германски офицер дознава дека семејството има еврејско потекло, тој почнува да ја уценува Селин, принудувајќи ја да му стане љубовница само за нејзиниот татко да биде безбеден. Тројцата почнуваат да кројат план за бегство, но нивната мисија скршнува во лош правец и саканиот татко и ќерка на Селин ги снаоѓа лоша судбина. Крајно вознемирена, Селин се плаши од најлошото. Но набрзо дознава дека Кози се искраднала и ја следела до станот каде што таа е заробена. Мотивирана како никогаш претходно, Селин сега мора да се бори да ја крие и заштити личноста што ја сака повеќе од сè. Паралелната нарација се вкрстува кога Керолајн го наоѓа дневникот на Селин скриен во плакар и дознава дека ѕидовите на нејзиниот стан кријат мрачни тајни.

Ти си ѕвер (Џен Синсеро) Во оваа освежувачки забавна книга за самопомош, светски познатиот тренер за личен развој и успех, Џен Синсеро, нуди 27 поглавја полни со комично инспиративни приказни, отворени совети, лесни вежби и по некоја пцовка. Ако сте подготвени да направите сериозни промени во вашите животи, Ти си ѕвер ќе ви помогне: да ги идентификувате и промените вашите убедувања и однесувања кои не ви дозволуваат да го добиете тоа што го сакате во животот, ќе ви помогне да ги искорените старите стравови за да можете да преземате големи и возбудливи ризици и ќе ви помогне конечно да почнете да заработувате пари, да му се сневиди. Исто така ќе ви помогне да научите да се сакате себеси и другите, да си поставувате големи цели и да ги остварувате – генерално, ќе ви покаже како да создадете живот кој апсолутно ќе го обожавате и тоа како да го создадете веднаш. Кога ќе ја прочитате Ти си ѕвер, ќе разберете зошто сте такви какви што сте, како да го сакате она што не можете да го промените, како да го промените она што не го сакате и како сериозно да станете ЅВЕР.

(С)Фати го типот што го посакуваш (Метју Хаси) Метју Хаси, експерт за врски и професионален стројник, во оваа книга ви ги открива тајните на машкиот ум и неговиот револуционерен пристап за да им помогне на жените да најдат маж каков што посакуваат. Метју нè учи сè што сме желни да дознаеме; како да запознаеме повеќе добри мажи, како да бидеме секси и да флертуваме, но и како да бидеме жена со висока вредност, како да ги поттикнеме да ни пристапат и да се впуштиме во разговор кој за само неколку минути ќе ни открие дали сакаме да го запознаеме типот подобро и да договориме прв состанок, но и како да изградиме емоционална интимност.
Оваа негова книга е уникатен водич за секоја жена која сака да го сфати и фати типот што отсекогаш го посакувала. (С)фати го типот ќе ви помогне да разберете како размислуваат мажите, што навистина сакаат, како тие гледаат на жените, на врските, на сексот и на обврзувањето.

Поврзани статии

Back to top button