Од насУбави муабети

Како ли уште треба да речам дека те сакам?

За убав ден, нахранете си ја душата со прекрасна поезија. Македонската поетска сцена има навистина со што да се гордее. Едно од имињата кое засекогаш ќе остане запаметено е Гане Тодоровски (1929-2010). Тој завршил Филозофски факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје каде што и докторирал. Работел како новинар во Танјуг, Млад борец и Студентски збор. Бил долгогодишен професор по хрватска и македонска книжевност — XIX век на Филолошкиот факултет во Скопје.

Со книжевна активност започнал непосредно по ослободувањето, и тоа во „Нова Македонија“, „Пионерски весник“, „Нов ден“ и др. Претежно се занимавал со поезија и препеви. Има издадено повеќе збирки поезија. Се занимава и со критика и есеистика. Бил уредник на книжевните списанија: „Иднина“, „Современост“, „Културен живот“, „Млада литература“, „Разгледи“ и други. Пишува и филмски сценарија, а дебитира со документарниот филм „Проштевање“ (1963), како ко-сценарист.

Одбравме три негови песни кои се толку прекрасни, моќни и ќе допрат до вас.

Љубов

Милувам прашинка да си,
тих повеј да ми те донесе…

Прашинка љубов, прашинка ништотна,
прашинка невидна,
но сепак љубов, сепак љубов.

Дај да те имам во дланкиве
Нетежина, Несетило.
Дај да поверувам дека си во мене,
стуткана некаде во мене.

Милувам прашинка да си,
Тих повеј да ми те донесе…

Како што на пролет цветниците зачнуваат
дај да те заплодам,
за да се родиш во мене
љубов богатница, љубов имовита,
љубов плод љубов надрочен.

Милувам прашинка да си,
тих повеј да ми те донесе…

Но, јас те имам немаштино
најтрајна недостиг,
најблиска недофат,
најголем недорек,
па место грижата за тебе
поначесто сум доволен од себеси.

Глас

Пак ме сонуваше, нели?
Не реков: не. Не пуштив гласен крик.
Сон си ми, сон си ми, бдеења цели,
секој ден, секој час, секој миг.

Сон биди, сон што ме мами,
сон в денот, ден в сонот, сон будно бладање.
За да се разберам колкав сум самик,
да го зачекорам честакот Човешко Страдање.

Пак ме сонуваше, нели?

Да реков: да, ќе пуштев гласен крик.
Сон си ми, сон си ми, бдеења цели,
сон вечен, вечна недостиг.

Скица за првото писмо до Ема Гермова

Родена за да се родиш на мојот љубовден
И прв и последен, јас Те именувам МОЈА!
До тој ден те прижелкувам по севезден
И дните стопати до прекапнување ги бројам.

I love You, Я люблю тебя, Ich liebe Dich,
Како ли уште треба да речам дека Те сакам?
Колку е збунет овој недовршен стих
Пред една чуденка, пред молкот на саканата!

Зборот го болувам, болот го зборувам,
Не го преболувам, не го прегорувам,
И ќе ме сотрат еден ден чинам
Или убавите жени или лошите вина.

Малку ни остана за да младуваме
Песно, ко најверен пес што ме пазеше
Од сите јадови што ги јадувавме
И од радостите што ги радувавме
Ние – непобедниците непоразени!

Зборови скудни, вие предавници мили,
Речете и:За Тебе сме сочувани низ сите Харибди и Сцили
Во чувствата на оној што треба да е твој,
Твој во најсвидните денови неспокој.

Поврзани статии

Back to top button