Од насУбави муабети

Извинете ама јас не сум психотерапевт

Јас не се плашам толку многу од хемиските отрови, од климатските промени, од црните прогнози за иднината на светот колку што се плашам од луѓето. Од човечкиот отров. Од нивните срца кои сред темнината на живуркањето станале злобни, загадени и лошо мирисаат.

Синоќа, ми се јавува една пријателка. Ме прашува каде сум што ме немало. И ме нема во последно, признавам. Ги избегнувам големите друштвени собири, масовните собирања со пријателите за кафе, настани на кои и не е важно моето присуство. Да, ги избегнувам сите маскенбали на кои луѓето кои мислам дека ги познавам шетаат со извежбани насмевки, ставаат капки во очите и се трудат да звучат мило. Само кусо и кажав дека работните обврски не ми дозволуваат да бидам присутна насекаде.

Едноставно е, одбирам да бидам сама отколку во лошо друштво. Одбирам да бидам сама, наместо меѓу луѓе кои шират негативна енергија. И никому не должам објаснување зошто избегнувам некои луѓе.

Видете, подобро е секое попладне да сте сами дома, читајќи книга или гледајќи филм отколку да сте во друштво на здодевни луѓе. Или на луѓе кои мислат дека нивниот најголем проблем е тоа што платата од илјада евра не им стигнува да го поминат месецот. Меѓу жени кои мислат дека убавината е во надградбата на коса и нокти. Меѓу луѓе кои не читаат книги, кои не растат духовно, кои немаат за што да разговараат освен за други, за вас небитни луѓе.

Кој колку сака нека се лути и мурти, ќе ги ставам на блок листа оние луѓе кои ме бараат само кога им треба помош, услуга или заем, а меѓувреме не знаат дали сум жива. Заборваат да ми честитаат роденден. Оние кои со години не ме имаат прашано дали ми се подобрила крвната слика (често патам од анемија).

Ќе го избегнувам дружењето со оние луѓе на кои единствена занимација им е да раскажуваат за своите проблеми, а кога ќе дојде момент да изустам збор – два за моите проблеми не сакаат да слушаат оти нели, имаат свои проблеми. Не сум должна да ги слушам. Извинете, ама не сум психотерапевт. И јас нема да ве слушам.

И за крај, ќе почнам да бегам од гужвите. Ќе патувам. Ќе минувам викенди на планина со исклучен телефон. Оти мирот и спокојот со злато не се купуваат. И нема да дозволам да ми го одземете тоа додека труете сè наоколу со вашиот отров.

Поврзани статии

Back to top button