Од васУбави муабети

Д-р Ангелчо Андоновски: Што треба да знаете за бронхитисот?

Бронхитисот претставува акутно воспаление или инфекција на долните дишните патишта.

Познати ни се во дијагностиката како : акутен бронхитис, акутен инфективен бронхитис или акутно воспаление на големите дишни патишта.

Акутен инфективен бронхитис често се појавува во период на промена на температурите и во ладниот период и обично се надоврзува на некое друго воспаление на горниот респираторен тракт. Акутниот бронхитис обично поминува во тек на неколку дена, иако кашлањето може да биде присутно три или повеќе недели. Ако се повтори бронхитисот кај вашето дете, задолжително посетете го вашиот педијатар за понатамошен третман.

Што е акутен бронхитис?

Акутно воспаление на долниот респираторен тракт (трахеа или бронхии). Воспалението  со правилен третман брзо поминува и не остава трајни последици .

Кога и кој го предизвикува акутниот бронхитис?

Акутниот бронхитис е најчест во  зима, обично после појава на голем студ или како продолжеток на други вирусни инфекции на грлото или носот. Вирусите обично предизвикуваат  бронхитис, и тие се: аденовируси, вируси на инфлуенца, параинфлуенца, риновирусите, респираторниот синцицијален вирус и други. Кај децата бронхитис може да предизвика некоја  “атипична” бактерија, Mycoplasma pneumoniae или Chlamydia pneumoniae или  Bordetella pertussis – причинителот на голема кашлица. Иритантниот акутен бронхитис може да биде предизвикан од  различни растителни и минерални прашини, загаден воздух, а особено димот од цигарите, затоа треба да внимаваме на дечињата и да избегнуваме вакво присуство и такви задимени простории. Белодробието кај децата е чуствително, постои секреција и самите цилии кои се наоѓаат во самите дишни патишта имаат механизам на еден вид одбрана и постои извесна секреција од истите тој механизам предизвикува да бранејќи се да предизвика и  кашлање. Кога ќе се појави еден бронхит самата слузница на дишни патишта е отечена, едематозна и хиперемизирана. Со самата таква појава почнува оној карактеристичен аскултаторен звук на свиреж и иритирајќи го респираторниот систем стимулира појава на кашлање. Доколку нема соодветен третман бактериите можат да ја усложнат инфекцијата и да предизвикаат  секундарна бактериска инфекција. Треба да знаеме сите дека всушност  кашлицата е основен механизам за исфрлање на таа бронхијалната секреција која е во вид на шлајм и секрет.

Симптоми кои треба да ги препознаат родителите:

Кај децата акутниот бронхитис често е проследен со  треска, кивање, гадење, покачена телесна температура, болки во грбот болки во  мускулите и болки во грлото. Кашлицата првично е сува, но подоцна доаѓа до појава на згуснување на самиот слуз, спутум и кај децата може да се појави за неколку часа и да направи класична осптрукција. Кашлањето, може да стане зачестено дури и постојано. Ваквата упорна кашлица ни укажува на бактериска инфекција. Некои вируси, како што е аденовирус, може да имитираат бактериска инфекција (шлајмот е веќе густ и  со променета жолта боја, а кашлицата може да трае неколку недели). Малите деца често ја проголтуваат слузта т.е шлајмот , така што родителите не можат да ја знаат бојата на шлајмот дали е променета и за што станува збор дури само ако дојде момент да ја повратат. Болката во градниот кош се зголемува за време на кашлањето. Симптомите обично исчезнуваат по 3 до 5 дена но децата може уште да кашлаат продолжено дури и неколку недели.

Како се потврдува дијагнозата?

Педијатарот ја утврдува болеста со помош на аускултација на градниот кош. Карактеристичен звук кој може да биде слушнат е во вид на свиреж и пискав аускултаторен тон. Ако симптомите на болеста се потешки и подолготрајни, неопходно е да се направи рентген  на белите дробови. Понекогаш се зема примерок од шлајмот за да се утврди потенцијалниот бактериски предизвикувач и се прави пнеумослајд и микробиологија.

Третман

Потребно е мирување и специфична положба кај помалите дечиња треба да бидат на повисоко поставени доколку постои фебрилност, покачена телесна температура се земаат антипиретици. Потребно е да се примат  повеќе течности зависно за која возраст се работи, кај малите доенчиња се препорачува да постојано бидат доени. Повеќето бронхитис се резултат на вирусна инфекција и третманот со антибиотиците не е потребен. Кај помлади деца каде има сомневање за бактериска инфекција со Микоплазма или Кламидија, може да се администрира антибиотик во траење од неколку дена нормално доколку имаме направено антибиограм ќе ординираме соодветен антибиотик. Кај децата посебно кај помалите потребно е тапкање и постојано раздвижување за да може секретот да се исфрла. Постојат и така наречени експекторанси кои стимулираат исфрлање на шлајмот се ординираат доколку пациентот зема многу течност. Само педијатарот може да ординира терапија, на своја рака не земајте ништо.

Внимавајте на своите најмили и пазете ги, избегнувајте затворени и задимени простории и давајте што повеќе течности бидејќи само така може да ги заштитиме во претстојниов период.

Д-р. Ангелчо Андоновски, спец. педијатар

Поврзани статии

Back to top button